МЗ: 81% од моментално хоспитализираните со ковид и 78% од починатите се невакцинирани
Според извештаите од болниците, моментно се хоспитализирани 340 лица, a од нив 81 отсто не се вакцинирани, додека 19 проценти се вакцинирани. Во исто време, 78 отсто од починатите лица од ковид-19 биле невакцинирани, а само 22 отсто примиле вакцина, се вели во анализата објавена од Министерството за здравство за вакцинирани од позитивните случаи со ковид-19 во период од 6 август 2021 година до 13 јануари 2022 година.
За вакцинирани се сметаат лицата кај кои се аплицирани две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втората доза вакцина.
Од Министерството потенцираат дека изминативе неколку недели, притисокот врз болниците е намален што се однесува до хоспитализациите, но зголемени се амбулантските прегледи, кои се движат и до стотина пациенти на ден во една установа.
Во период од 06.08.2021 до 13.01.2022 година на територија на државата како позитивни на Ковид-198 се тестирани 85.593 граѓанин, од кои 37 отсто биле целосно вакцинирани, односно 32.079 лица. Според статистиката за изминативе месеци, 53.514 граѓани, односно 63 отсто од позитивните на Ковид-19 не биле вакцинирани, се вели во соопштението на Министерството за здравство.
Анализата на Министерството покажува дека смртноста кај невакцинираните е драстично поголема.
– Во период од 6.08.2021 до 13.01.2022 година 78 отсто од починатите лица со Ковид-19, биле невакцинирани, а само 22 отсто примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас, посочуваат од Министерство.
Од Министерството за здравство укажуваат на важноста на вакцинација и апелираат граѓаните да се вакцинираат, бидејќи, како што велат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на SARSKоV2.