Фото: Инстаграм/Џејла Рамовиќ

МВР поднесе пријава против босанската пејачка Џејла Рамовиќ, настапувала без дозвола во Кичево

Младата босанска пејачка Џејла Рамовиќ, која викендов настапи во еден реномиран хотел во Кичево, се најде во полициски записник откако инспекциите утврдија дека настапувала без соодветна работна дозвола.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека за време на зајакната акциска контрола спроведена во угостителски објекти во Кичевско, полициски службеници заедно со пазарната и трудовата инспекција извршиле увид во објект лоциран на магистралниот пат Кичево–Охрид.

При контролата биле затекнати Џејла Рамовиќ (23), како пејачка, и четворица членови на нејзиниот бенд – К.Џ. (27), Е.П. (25), Ф.Ј. (28) и И.К. (24), сите државјани на Босна и Херцеговина.

Според МВР, тие извршувале работа без претходно да обезбедат работна дозвола, што претставува прекршок по член 23 став 3 од Законот за странци. За настанот е поднесена прекршочна пријава до Основниот суд во Кичево, согласно член 217 од истиот закон.

Хотелот неколку дена претходно ја најави Рамовиќ како главна ѕвезда на вечерната програма за 29 ноември, опишувајќи го настапот како „вистински музички спектакл“.

По официјалното соопштение, пејачката се огласи со изјава во која наведува дека таа и нејзиниот тим ги испочитувале сите процедури за настап во Македонија и дека вината не е на нивна страна.

„Сакам да нагласам дека од моја страна и од страната на мојот бенд сите потребни документи и дозволи за настапот во Кичево беа уредно подготвени и доставени до организаторот, со целосна процедура што ја почитуваме при секое доаѓање во Македонија.

Организаторот нè увери дека ги обезбедил и сите преостанати дозволи во согласност со договорот што го имаме.

Сепак, настапот беше прекинат неколку минути пред крајот, наводно поради недостиг на работни дозволи, иако нашата документација беше целосно уредна.

Жал ми е за непријатностите што ги доживеаја сите што дојдоа на мојот настап. Ситуацијата настана поради причини на кои никако не можев да влијаам, ниту вината е на мојот тим или на мене.

Македонија е земја што многу ја сакам и секогаш со радост се враќам. Така ќе биде и овој пат, бидејќи веќе во петок се дружиме во Скопје“, изјави пејачката, а пренесоа регионалните медиуми.

Музичари од Босна и Херцеговина настапувале во Кичево на диво

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот