МВР му поднесе кривична пријава на Оливер Спасовски за случајот „Беса Транс“
Министерството за внатрешни работи вчера му поднело кривична пријава на екс-министерот што беше на чело на оваа институција Оливер Спасовски. Како што информираат оттаму, кривичната пријава против Спасовски е за злоупотреба на службената положба и овластување.
Препорачано
На 09.12.2025 Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против О.С. (49) од Куманово, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по чл.353 ст.4 во врска со ст.1 од Кривичниот Законик, информираа од МВР.
Според соопштението од полицијата, Спасовски додека ја извршувал функцијата министер за внатрешни работи, односно во текот на 2021 година, искористувајќи ја својата службена положба и овластување овозможил на правен субјект- технички преглед во општина Сарај да се стекне со противправна имотна корист во износ од 5.565.927 денари.
О.С. делото го сторил на начин што во законски предвидениот рок не донел решение за одземање на овластување за технички преглед врз основа на предлог, доставен од надлежна организациска единица за граѓански работи. Истиот, иако знаел дека рокот за донесување решение за одземање на овластувањето е најдоцна до 15 дена од денот на доставување на предметот, не ја извршил својата службена должност согласно чл.65 ст.3 од Законот за возила и чл.5 од Правилникот за начинот и постапката за донесување и одземање на решението за овластување на правното лице за технички преглед на возила и за категории на возила за кои се издава овластување за технички преглед на возила, пишува во соопштението на МВР.
Оваа кривична пријава е поврзана со автобуската несреќа на автопатот Струма во Бугарија, кога се запали автобус на компанијата „Беса транс“ при што загинаа 45 македонски граѓани, а седум беа повредени.
Кривичната пријава се однесува на постапка за одземање на дозвола за работа на станица за технички преглед ВИА Комерц. Доставена е до Основното јавно обвинителство Скопје каде веќе се разгледува, а доколку се потврди дека станува збор за истите наводи како оние по кои веќе постапуваше јавен обвинител од ОЈОГОКК, истата ќе биде проследена на надлежно постапување и произнесување најпрвин во тоа обвинителство, велат од ОЈО Скопје за „Слободен печат“.


