Музика што галеше со сласт на сензуален шарм

Велат дека музиката може да биде суптилна, магиска и опојна ,полна со креативни визии кои прозвучуваат како акустичен сензор на разновидни колоритни преобразби и мелоритмички трансформации низ една среќна синтеза каде доаѓа до израз умешноста со која е остварена рамнотежата и звучниот баланс меѓу два клавијатурни инструменти – пијаното и хармониката -„дугметара“, а се однесува на италијанското Дуо хармоника – еден од најнеобичните инструментални состави во камерното музицирање.

Со својот импресивен настап на фестивалот на класична музика „Интерфест Битола 2019“ и специфичниот концертен репертоар внесе многу дух и свежина чија суштина може да се дефинира низ квалитетната презентација.

Актери беа двајца извонредни италијански уметници, пијанистот Симоне Пагани, кој дипломирал со највисоки почести на музичкиот институт „Гаетано Доницети“ – добитник на многу награди и солист со повеќе симфониски оркестри. Тука е и Џанкарло Калабрија, кој дипломирал труба на конзерваториумот „Верди“’, а истовремено студирал и хармоника. Како лауреат на бројни награди бил и претставник на Италија на Светскиот шампионат на хармоника во Германија. Со нивната способност за снажна сугестивност во доживувањето покажаа голема смисла за колорирање и со беспрекорното музицирање го потенцираа богатството на поетската експресија. Фасцинираа и со суптилната кореспонденција во креативниот чин меѓу актерите чие музицирање беше проткаено и со завидно инструментално мајсторство.

Таа музика како синтеза на класицизмот, сентиментализмот и виртуозноста галеше со сласт на сензулниот шарм и претставуваше симбиоза на разновидни стилско-естетски елементи. Се одгласуваше како некаков флуид што зависеше од моментот на креативниот амбиент што ја потврдува тезата дека тајната на музиката не се состои во некажаното, туку во тоа што е неискажано.

Програмата блесна со поетична романтика која будеше восхит и од убавината на музиката, но и од високиот професионализам на италијанските музички уметници кои со силна вдахновеност ѝ пријдоа во нејзината импресивна реализација.

Почетокот го означи Прелудиумот и фугата на Цезар Франк каде доминираше моториката и механичката пулсација на фугата како централна форма на изразување на музичкиот барок, интересно донесена со сите стилско-естетски креативни доблести на епохата што ѝ припаѓа. Најинтересно се одгласи концертот „Аконкагва“ за бандеон и оркестар, чиј автор е Астор Пјацола, а аранжманот за оваа транскрибирана верзија го направи Мирко Ферарини која се темели врз грациозните ритми на аргентинското танго.

Тој е најзначајниот автор на овие танго-фолклороидни нумери со чија среќна синтеза на јужноамериканскиот фолклор прави чуда на светските концертни сцени. Во таков манир се одгласи и „Тангото на Клое“, а најатрактино со возбудлив аранжерски перформанс ја проследивме познатата руска песна „Очи чорние“, по која следеа и два биса со кои се заокружи овој несекојдневен и раритетен концертен настан, проследен со големо задоволство од битолската фестивалска публика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот