Музичката ПИН-конференција на „Таксират“ е остров во системот на културата
Новото издание на ПИН – меѓународната музичка конференција и концертен саем се одржува од 27 до 29 ноември во Младинскиот културен центар (МКЦ) и донесе 55 концерти и повеќе од 400 учесници од цела Европа во Скопје.
Препорачано
Меѓународната музичка ПИН-конференција е единствениот ваков настан во Македонија, воедно прв и најголем на Балканот, а кој во Скопје ги собира музичките професионалци од целиот свет, претставувајќи ја пред македонската публика музичката авангарда и новата сцена од цела Европа.
Со слободен влез за сите посетители, на ПИН 2025 ќе се одржат концерти на вкупно 55 музички артисти, кои настапуваат на шест сцени во МКЦ, како и конференциска програма со над 30 панел-дискусии, презентации, предавања и работилници со повеќе од 400 учесници, музички професионалци, уметници, претставници на фестивали, клубови, медиуми, културни институции, кои пристигнаа од повеќе од 30 земји од светот.
Оваа година на ПИН, фокус-земја е Франција, која е застапена со девет француски артисти, како и со 20 француски делегати.
Тридневната бесплатна програма со концерти, панел-дискусии и работилници, вклучува и исклучително важни теми од јавен интерес.
Ударниот панел на првиот ден на ПИН беше насловен „From Bid Book to Real Life“, посветен на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“. Во дискусијата учествуваа Сара Вулетиќ од Нови Сад (Србија), Балаж Вејер од Веспрем (Унгарија), Мато Уљаревиќ од Никшиќ (Црна Гора) и Виолета Симјановска од Македонија, додека модератор беше Лена Ингверсен од Данска.
Целта на панелот беше да се разменат искуства околу организацијата на програмата „Европска престолнина на културата“ (ЕПК). Такви искуства веќе имале во Нови Сад и во Веспрем, Скопје се наоѓа во фаза да ги консолидира подготовките за 2028 година, додека градот Никшиќ пријавил кандидатура за 2030 година.
Искуствата од Нови Сад и од Веспрем покажуваат дека најсоодветен модел е целата програма да биде организирана од независна фондација која е финансиски поддржана од градот и од државата. Таков модел учесниците на панелот предложија и за Скопје.
Сара Вулетиќ истакна дека реализацијата на програмата „Европска престолнина на културата“ не е работа од денес за утре, туку дека треба да биде базирана на долгорочна стратегија. Балаж Вејер додаде дека титулата не е разгледница што покажува колку е убав градот, туку суштински и инфраструктурно го менува градот однатре.
Виолета Симјановска рече дека досега не била вклучена во кандидатурата на Скопје за ЕПК, но има искуства со работа во комисии на програмата „Креативна Европа“ на Европската унија. Таа изрази сомневање дека македонскиот модел на финансирање на културата е соодветен за реализација на проекти од типот на ЕПК, но посочи дека ПИН-конференцијата е остров во системот на културата во Македонија.
Мато Уљаревиќ посочи дека неколку ентузијасти се поврзани со кандидатурата на Никшиќ за 2030 година и дека вложуваат многу напор да стигнат до титулата. Како заклучок на панелот може да се извлече дека ЕПК-титулата дава одлична можност градот да се трансформира на повисоко ниво на живеење и стандард.
Организацискиот тим за целиот настан вели: „ПИН е место каде што конкретни процеси и стандарди можат да се донесат и применат, дома и во собрание – од безбедност и инклузија до стандарди и стратегија за извоз на културата. И оваа година ПИН носи многу музика и знаење.“
ПИН – музичката конференција е во организација на „Пасворд продакшн“ и се реализира како дел од дополнителната програма на фестивалот „Таксират“.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 309, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-30.11.2025)


