Музичка сцена: Инди-рок бенд со карактеристичен звук

Синглот „Little Heads“ беше најава на деби-албумот „Hello World“ на младиот инди-рок бенд „Stoned Hedge“ од Тетово, а од 28 мај албумот е достапен на сите дигитални платформи.

Талентираните млади музичари од тетовскиот инди-рок бенд „Stoned Hedge“ успеваат за само четири месеци да го создадат својот прв албум „Hello World“. Истиот е составен од осум песни кои жанровски се движат во рамките на алтернативниот рок, а звучат толку зрело, небаре ги компонирал искусен бенд со долгогодишно искуство. Албумот е снимен и продуциран од страна на Дени Крстев (Bernays Propaganda, My Tear) во „Студио 1060“, а објавен е под етикетата на „Пасворд Продакшн“, кои се погрижија да го направат достапен на сите дигитални музички платформи.

Очигледно Тетово има плодна почва за алтенативен рок-израз. На кој начин локалното влијание го претопувате во универзален музички израз?

– Не само локалното, туку и генералното влијание на општествените случувања се плодна основа за мотив и инспирација за музички израз. Секојдневието, односите меѓу луѓето, длабоките емоции, се секогаш порив за креирање на песна која најдобро ќе го искаже тоа што го чувствуваме во даден момент.

Како е формиран бендот?

– Процесот на формирање на бендот започна во мај 2018 година од страна на моменталните членови Ангела Маринковска (вокал), Исмаил Камбери (гитара) и тогашните Филип и Зорица Здравковкиќ. Од тогаш до јули 2020 година бендот свиреше преработки на инди и алтернатив-рок песни во повеќе градови во земјата. Бидејќи имавме премногу позитивни критики за начинот на свирење на преработките, во бендот секојпат се разговараше за креирање на авторска музика, а за таа цел во август во бендот се вклучија Дејан Томовски (бас), кој е поранешен член на „Conquering Lion“, и Марко Стојчевски (тапани). Содржината на песните ја креиравме од август до декември 2020 година, додека албумот веќе беше снимен во јануари 2021 година.

Секој од нас може да го свири инструментот на другиот член, па така секогаш со заеднички идеи ги креираме песните

Кој ги пишува текстовите, а кој ја прави музиката за бендот?

– Текстовите генерално ги пишува Ангела, иако на моменти и други членови од бендот можат да помогнат. Исто е и со правењето на музиката. Секој од нас може да го свири инструментот на другиот член, па така секогаш со заеднички идеи ги креираме песните. При креирање на албумот имаше два модуса за правењето на песните. Првиот начин беше преку таканаречена џем-сесија во која што се собира бендот, во моментот го свири тоа што го чувствува, а сесијата се снима. Потоа ја ревидираме сесијата и ги вадиме клучните моменти кои звучат најдобро за потоа да ги развиеме во песна. Така произлезе „Little Heads“. Втор модус е кога член од бендот доаѓа со некоја тема/идеја за песна, односно мини концепт, а потоа заеднички го осмислуваме и аранжираме.

Не само локалното, туку и генералното влијание на општествените случувања се плодна основа за мотив и инспирација за музички израз

Синглот „Little Heads“ беше најава за албумот „Hello World“. Дали целиот албум концептуално звучи како синглот?

– Албумот не може да се смести во еден жанр кој би ги опфатил сите песни, но иако, да речеме, концептуално песните се отприлика различни, сепак, сите песни ги спојува звукот на бендот. Следствено, музиката има многу карактеристични и препознатливи елементи, кои без разлика дали жанровски песните се разликуваат, сепак, слушателот може да препознае дека го слуша бендот „Stoned Hedge“.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 82, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 29-30 мај 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот