Мусовски откри зошто не заиграл за Македонија во 2020 година: Тоа беше недоразбирање
Македонската фудбалска репрезентација в четврток ја очекува важниот бараж-натпревар против Данска во Копенхаген, а селекцијата за овој собир е засилена и со напаѓачот на Сиетл саундерс, Дени Мусовски.
Препорачано
Иако неговото име се споменуваше уште пред настапот на Македонија на Европското првенство во 2020 година, Мусовски тогаш не заигра за националниот тим. Како што откри во интервју за „Флешскор“, причината биле недоразбирања со тогашниот селектор Игор Ангеловски, во период кога настапувал во МЛС-лигата и бил фокусиран на плејоф натпреварите со својот клуб.
„Не бев незаинтересиран. Во 2020 година само што дојдов во МЛС лигата и играв плејоф со својот тим каде што бев стартер. Добив повик за пријателски натпревар додека во тек беше плејофот и веројатно тоа погрешно беше протолкувано. Никогаш не било дека не сакам да играм за Македонија, напротив за мене тоа е чест на која сум многу благодарен. Светското првенство е врв за секој фудбалер, тоа е најголемиот спортски настан“, изјави Мусовски.
Тој се осврна и на претстојниот предизвик против Данска, потенцирајќи дека македонската селекција патува со јасна цел.
„Секој професионален фудбалер верува во победа, одиме во Данска по победа. Тие се силен тим, но и ние имаме квалитет. Ако одиграме добро можеме да дојдеме до позитивен резултат и пласман на Светското првенство“, верува Мусовски.
Натпреварот помеѓу Данска и Македонија се игра на стадионот „Паркен“ в четврток од 20:45 часот, а победникот од овој полуфинален бараж во финалето ќе се соочи со подобриот од средбата помеѓу Чешка и Ирска.
Панчев пред баражот со Данска: Важно е да веруваме во себе, нема да биде лесно


