Мултимедијален настан со изложба, промоција и концерт ќе се одржи во Уметничката галерија во Куманово
Самостојната изложба „Прашина и сенки“ на Страхил М. Петровски, промоцијата на најновото издание на книгата „Дијалози за слободата“ од авторот Љупчо Јолевски и музичкиот перформанс на Добрила Грашеска се на програмата на мултимедијален настан, што на 27 март, во 20 часот, ќе се одржи во Уметничката галерија во Куманово.
Препорачано
Во оваа визуелно-тонска приказна свое засебно место ќе имаат и младата кантавторка Веда Спасовиќ (чија пројавност е бележита на домашната, но и на интернационалната сцена / особено со успешното учество на ПИН – Музичката конференција на „Пасворд продукција“) и импро-џез дуото Глигор Кондовски (виолина / композитор) и Филип Методиев (гитара), кои полека излегуваат на виделина на регионалната арт-сцена со своите авангардни концертни настапи.
Настанот е во организација на Здружението „Фабрика концепт“, со поддршка на Фондацијата за култура и спорт и Општина Куманово, а ќе се одржи во соработка со НУ Музеј Куманово – Уметничка галерија Куманово. Промотори на настанот ќе бидат д-р Коста Милков од издавачката куќа „Метаноја“ и проф. Лазе Трипков од Интернационален Балкански Универзитет.
– Во „Прашина и сенки“ ја истражувам тенката линија помеѓу присуството и неговиот одраз, помеѓу материјата и нејзиниот распад. Прашината ја перцепирам како физичка метафора за време, меморија и минливост, додека сенките ја претставуваат трагата на присуството, одраз што постои дури и кога изворот е отсутен.
Проектот не раскажува конкретна приказна, туку создава простор за контемплација и саморефлексија. Светлината, темнината и текстурата на материјалите се алатки преку кои се создава динамика на трага и празнина, на видливо и невидливо. Гледачот станува учесник во процесот на откривање – станува свесен за кревкоста на формите и неизбежниот тек на времето.
„Прашина и сенки“ е за мигот помеѓу појавата и исчезнувањето, за она што останува кога формата се распаѓа, и за начинот на кој се формира свеста за присуството низ траги, сенки и материјална супстанца. Тоа е покана да се сретнеме со конечноста на сè, а во исто време и со тивката вечност што секогаш останува во прашината и сенките… – објаснува мултимедијалниот визуелен уметник Страхил М. Петровски.
Книгата „Дијалози за слободата“ на Љупчо Јолевски е издадена во соработка со издавачката куќа „Метаноја“ од Скопје, а дизајнот на корицата е на Лазе Трипков.
– Љупчо Јолевски е новинар кој животот и работниот век ги посветил истражувајќи го феноменот наречен „култура“. Значителен дел на оваа негова посветеност е магичниот свет на уметноста. Ваквиот профил на дејност претпоставува ерудиција во класична смисла на зборот. Со својот професионален опус на интереси тој може да се нарече „ренесансен човек“. Познати се неговите новинарски текстови и книги посветени на музиката и на културата. Во „Дијалози за слободата“, пак, Јолевски преку своите новинарски вештини и познавања од уметноста им дозволил на сликарите и на скулпторите, на визуелните уметници да ја изложат суштината на она што тие го создаваат со бои и со глина. Боите и глината се само материјалот или медиумот со што авторот во соговорниците поттикнува да посегнат по најдлабоките предели на нивната душа, срце и ум, за од нив да ги извадат на виделина своите мотиви, мечти, таги, радости, болки, задоволства и над сѐ човечност. Се работело ли за интровертни или за екстровертни личности, Јолевски од секој за секој од нив го има „клучот“ за тие со зборови да го надополнат она што го раскажуваат со нивните уметнички дела. Она што е заедничко за сите уметници е нивната увереност дека уметноста има моќ, ако не директно да го смени, тогаш да го раздвижи општеството и да го поттикне размислувањето за важни прашања во денешницата, а од чиј одговор ќе зависи животот на непосредната генерација која следи, но и на многу идни генерации – истакнува д-р Коста Милков.
Музичките траги што ги оставила вокалната солистка Добрила Грашеска ги открива Љупчо Јолевски.
– Со глас што извира од дамарите на традицијата и творечка енергија и сензитивност од времето во кое битисуваме, Добрила Грашеска спаѓа во редот на најзначајните современи македонски певици и уметници. Својата присутност на актуелната интернационална сцена ја потврди со албумските остварувања во „Чалгија саунд систем“ (посебно последната објава „Тихувај“) и Добрила и Дориан дуо (двата досегашни нивни проекта „Апокриф“ и „Пиле шарено“), кои несомнено говорат за нејзината волшебна изведба и потребата постојано и упорно да се надраснуваат границите на творечката величенственост. Соработувала со бендовите „Верка“, „Фин проект“, „Амплидајн ефект“…, а настапувала на интернационални фестивали, како Рудолштад, Сфинкс, Оф-фест, Сараево џез-фестивал. Работела и музика за филм, театар и мултимедија – посочува Љупчо Јолевски.


