Можно е Зеленски да не оди на погреб кај папата, имал воени состаноци
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека можеби нема да може да присуствува на погребот на папата Франциск во Рим, закажан за сабота, поради серија важни воени состаноци. Тој нагласи дека, доколку не успее да пристигне навреме, Украина ќе биде соодветно претставена од министерот за надворешни работи и првата дама.
Препорачано
„Ако не сум таму на време, Украина ќе биде претставена на соодветно ниво“, рече Зеленски, додавајќи дека состаноците се поврзани со последниот руски напад врз Киев, во кој загинаа 12 луѓе.
Во изјава за новинарите, Зеленски истакна дека Украина би била подготвена да разговара за територијални прашања, но единствено под услов на целосен и безусловен прекин на огнот.
„Целосно и безусловно примирје отвора можност да се разговара за сè“, рече Зеленски, додавајќи дека се согласува со изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека Украина во моментот нема доволно оружје за да ја поврати контролата врз Крим.
Иако официјални лица во Киев претходно ја отфрлија можноста за територијални отстапки, Зеленски потенцира дека „само украинскиот народ има право да одлучи кои територии се украински“, повикувајќи се на уставот на државата.


