Морина – косовски „Енглез“ кого Србите го бараат од Македонија

Министерството за правда на Македонија во следните дваесетина дена без посебна процедуралност може да го одбие како неосновано барањето на соседна Србија која од официјално Скопје бара да ѝ биде испорачан Томор Морина, државјанин на Велика Британија и Косово, кој од пред седум дена е во екстрадициски притвор во истражниот затвор „Скопје“ кај Шуто Оризари.

Причината, како што велат од одбраната на Морина, но и од Министерството за правда не е сложена, туку едноставна. Морина нема српско државјанство. Имал државјанство на Сојузна Република Југославија (СРЈ) додека Косово беше дел од СРЈ. За него се знае дека е роден во Ѓаковица, каде што за денеска се закажани масовни протести на кои ќе се упати и писмено барање тој да биде ослободен од екстрадицискиот притвор во Скопје.

Морина бил командант во Ослободителната војска на Косово (ОВК). После војната во 1999 година, тој се преселил во Велика Британија, каде што живеел и работел, по што се вратил во родното Косово. Со својот идентитет немал никакви полициски проблеми кога ги минувал европските граници иако бил баран од Србија преку Интерпол. Токму официјален Белград го бара Морина преку седиштето на Интерпол во Лион (Франција) со опис „постоење сомневања за сторени воени злосторства во 1999 година“. Досега ниту една европска држава го нема уапсено Морина при влез или излез од нејзината територија, бидејќи патувал со британски пасош. Тој е уапсен при обид за влез во земјава на граничниот премин „Блаце“. За влез во земјава приложил патна исправа на Косово. Потерницата по Морина е од поодамна, а Србија го бара него како свој државјанин, не како државјанин на независно Косово, кое како држава е членка и на Интерпол.

– Веќе изминаа пет дена откако официјален Белград е известен дека Морина е во екстрадициски притвор од 30 дена. До тогаш тие имаат законска обврска сите докази кој ги поседуваат за наведеното описно кривично дело да ги преведат на македонски јазик и преку дипломатските служби да го достават до македонското Министерство за правда кое е единствената институција во земјава која ќе одлучува за евентуалното такво барање. Србија како држава бара туѓ државјанин како да е нејзин. За да биде испорачан притвореникот во таков случај земјата барател треба да поседува и да ни приложи сериозни материјални докази дека тоа е сторено воено злосторство. Засега Србија го запазила основното барање за екстрадиција. Но, главниот збор за тоа дали ќе се случи или не го има министерката за правда на Македонија која потпишува екстрадициски одлуки. Токму таа е правник. Многу добро знае колку издржано треба да е ваквото барање пред да одлучи, односно писмено да го извести нејзиниот српски колега дали одговорот е позитивен или не – вели нашиот соговорник од Министерството за правда.

Апсењето на Морина во Косово во медиумите и на политичката сцена крена голема прашина. Апели до Владата во Приштина да издејствува слобода за Морина пристигнуваат од сите политички субјекти на Косово. Јелтир Зиберај, кој е советник на косовскиот министер за надворешни работи, Беџет Пацоли ја отфрли можноста Томор Морина, кој беше уапсен во Македонија по потерница од Интерпол, да биде испорачан во Србија. Зиберај изјави дека се преговара со дипломатските и меѓународните врски за да се обезбеди што поскоро ослободување на Морина.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања на Македонија, Бујар Османи одговарајќи на новинарско прашање вчера изјави дека лично од првиот ден е ангажиран за ослободување на Томор Морина, поранешен припадник на ОВК.

– Очекувам одговор, имам поднесено службено барање до судијката која ја спроведува постапката да ми дозволи да го посетам. Во текот на денешниот ден ќе се обратам до институцијата да го посетам бидејќи јасно е дека нема координација меѓу неговиот адвокат, барањето за екстрадиција итн…, рече Османи, додавајќи дека е болно што после 20 години од конфликтот, луѓето уште да се задржуваат и да се приведуваат за конфликтот. До овој момент нашите информации се дека сè уште не е доставено барање од страна на адвокатот до Министерството за правда. Секојдневно контактираме со министерката за правда, изјави вицепремиерот Османи.

Потенцира дека во вакви ситуации, толку колку што може политиката да влијае, рече, „правиме сè што е можно и итно треба да се ослободи Морина”.

За Морина вчера се огласи и премиерот Зоран Заев. Тој рече дека владеењето на правото и почитувањето на меѓународни правила е норматив, европска вредност за која сите се залагаме.

Потерницата е стигната од Интерпол, не е ниту од Вучиќ или Милошевиќ. Од Интерпол каде што сме членка и каде што сме гласале и Косово да биде членка, без разлика што Србија е против. Постапките ги води надлежен обвинител и за нив одлучува надлежен судија, ниту ги води Заев, ниту Спасовски, ниту Агим Нухиу, ниту кој било од Владата – изјави Заев одговарајќи на прашање од пратеникот и координатор на ДУИ Ејуп Аљими за одлуката за екстрадиционен притвор на Томор Морина, поранешен член на Ослободителната војска на Косово, кој е уапсен во Северна Македонија по потерница на Србија.

Заев потенцираше дека за да може да се покажува со прст, мора прво да знаете кој води постапки и кој одлучува.

– Второ, кој е законот и владеењето на правото и трето, што значи почитување на меѓународните закони и правила. Праксата досега покажала во вакви случаи, вклучително и премиерот Рамуш Харадинај, на меѓународни потреници каде било во земјите членки и земјите што се членки на ЕУ, а го признале Косово тие постапуваат по меѓународното право. Правосудството и во Австрија и во Северна Македонија и во Грција, и во Британија носи одлуки за екстрадиционен притвор. За време на одлуката на екстрадиционен притвор надлежните институции одлучуваат за правото на екстрадиција или не. Во тоа право јасно стои дека тој е граѓанин на Косово, а не е граѓанин на Србија и се ослободува од притвор и не се прави екстрадиција. Тоа е меѓународното право, рече Заев. Тој додаде дека од Министерството за правда го информирале каква е праксата во вакви случаи и додаде дека верува оти граѓанинот на Косово согласно тоа дали има или не екстрадициона одлука ги има сите права, согласно закон, владеење на правото и на меѓународното право. Праксата покажала дека Интерпол кога ги прима документите стои дека е граѓанин на Србија. Тоа не е точно. Денеска нашата земја и пријателска со Косово потврдува дека е тој граѓанин на Косово, а има пасош и од Велика Британија и од Косово. Дозволете институциите да си ја завршат работата. Најмалку што очекувам е почитување на законите на оваа држава – рече Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот