Морбидни сведоштва на судењето за модуларната болница: Гледав како горат живи луѓе, огнот за миг однесе десетици животи

Фото: Слободен печат

Доктори и медицински сестри, но и роднини на пациенти, сведочеа на денешната главна расправа во судскиот процес за изгорената модуларна болница во Тетово.

Роднините на пациентите кои лежеа во модуларната болница вечерта кога избувна пожарот, велат дека морале да бидат таму и да им пружаат нега на болните, оти имало многу заразени, а малку медицински персонал.

Некои успеале да ги спасат пациентите, но некои од роднините и самите едвај спасиле жива глава. Мумин Исмаили вели дека заедно со неговиот брат, 24 часа биле со нивната мајка. Морале да се грижат постојано за неа.

Вечерта на 8 септември 2021 година, кога дошол во модуларната, на пациентка која била во собата заедно со неговата мајка, ѝ се влошило здравјето. Дошол доктор да ѝ изврши раенимација. За време на лекарската интервенција Исмаили излегол надвор. Слушал викотници и помислил дека пациентката починала, па решил да влезе во собата и на роднините да им изрази соочуство. Но, кога влегол внатре, сфатил дека извиците биле поради избувнувањето на пожарот.

„Кога влегов внатре во собата каде избувна пожарот, веднаш медицинскиот персонал ми рече да се префрлам во друга соба. Но, пожарот многу брзо се ширеше и за кратко ја зафати цела болница. Излегов во ходникот да видам што се случува, гледав како гореа луѓе, се вратив и се обидов да ја спасам мојата мајка, но некоја од надвор од прозорецот почна мене да ме влече за да излезам. Јас се обидував да ја спасам мајката, но дел од медицинскиот персонал ми рече дека мајката веќе ја извекле надвор. Тие не ми ја кажаа вистината, со цел да излезам јас надвор и барем јас да се спасам. Беше голема трагедија. Едвај спасивме жива глава“, раскажа Исмаили.

Лекарот кој дежурал вечерта кога изгоре модуларната болница, во својот исказ кажа дека пожарот избувнал неколку секунди откако тој со апарат вршел реанимација на пациентката на која ѝ се влошила состојбата. Пламените јазици ја проголтаа собата за десетина секунди, се проширија кон останатиот дел од болницата. ПП-апаратите не би го спречиле пожарот, дополни лекарот.

„Имаше над 20 пациенти во модуларната, не видов придружба со пациентите. На врата пишуваше забранет влез за пациентите. Видов еден човек кој беше придружба само за еден пациент кој беше со посебни потреби, тоа е дозволено. Во другите соби не видов придружба. Не се сеќавам колку и каде имаше ПП-апарати, но и да имаше такви апарати во голем број и да имаше надвор пожарникари, пожарот не можеше да се спречи“, рече еден од дежурните лекари.

„Слушнав врескање, носеа кофи со води за да го изгаснат пожарот ги видов сестрите. Во модуларната болница немаше ПП апарати, да имаше ќе гаснев со тие апарати. Медицинскиот персонал не пушташе внатре да се влегува, јас ги молев оти имав лице со посебни потреби“, беше дел од исказот на еден од денешите сведоци, роднина на пациент.

„Јас го чував сопругот, но не седев во собата постојано, влегував по потреба за да го пресоблечам, со него повеќе време се гледав преку прозорецот, ни беше забрането да влегуваме.Се снаоѓав некако да влезам внатре оти мораше ќе повторам уште еднаш некој да го пресоблече, докторите строго ни забрануваа да влегуваме во модуларната“, даде исказ друг сведок, роднина на еден од пациентите од модуларната болница.

Фото: Слободен печат

Главната расправа ќе продолжи со сослушување на останатите сведоци на 16 февруари

Тетовското Обвинителство ги обвини двајцата директори Фљорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело тешки дела против општата сигурност и докторот Бобан Вучевски за кривично дело непостапување според здравствени прописи за време на епидемија, а Клиничката Болница Тетово како правно лице, за кривични дела предизвикување на општа опасност и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.

Во октомври 2021 година, по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен апарат за реанимација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот