Промоцијата на монографијата се одржа во Музејот на град Скопје

Монографија во 17 тома дава можност за патување низ креативната визија на Таки М. Павловски

Второто и дополнето издание на монографијата за творештвото на сликарот Таки М. Павловски на 27 март беше промовирано во Музејот на град Скопје. Монографското издание е со наслов „Едиција – Таки Павловски – 55 години творештво (1966-2021)“ во 17 тома. Претходното издание на монографијата „Едиција – Таки Павловски – 50 години творештво (1967 – 2017)“ во 10 тома беше објавено во 2018 година.

На промоцијата на новото издание се обратија д-р Панче Велков, директор на Музеј на град Скопје, Корнелија Конеска, директор и куратор на „Остен“, Стевче Јакимовски, градоначалник на Општина Карпош, и Ставре Џиков, публицист. Монографијата е објавена со покровителство на Музеј на град Скопје, Министерство за култура на РСМ, Општина Карпош и Град Скопје.

– Таки Павловски беше добитник на Посебно гран-при на „Остен биенале Скопје 2020“ и Гран-при на „Остен биенале на наградени автори 2021“. Го имав задоволството лично да го познавам Таки Павловски, да го посетам неговото студио и да направиме избор од негови цртежи, никогаш не претставени пред јавноста, со цел да направиме две графички мапи за библиотеката на графички мапи „Светско културно наследство“, каде „Остен“ веќе има околу 300 значајни меѓународни уметници од целиот свет. За жал, не успеавме да го направиме тоа за време на неговиот живот, но тоа ќе го направиме во наредниот период заедно со неговото семејство, зашто како што велат: уметниците имаат само датум на раѓање, тие живеат бесконечно преку своите дела во најразлични форми!

Токму тоа, бесмртноста на уметникот е ултимативниот ефект што се постигнува со едицијата на монографии „Таки Павловски – 55 години творештво (1966 – 2021)“. Ова импозантно издание не е само збирка на неговите дела – тоа е патување низ неговата креативна визија, доказ за неговото владеење на формата, на бојата и на емоциите. Моето чувство за творештвото на Таки Павловски е дека ги надминува границите на уметноста како „само“ вредност и богатство на човековото постоење, спојувајќи ја традицијата со модерноста и личното со универзалното. Неговите дела, во било која изразна форма, ја доловуваат суштината на човечкото искуство со длабочина и чувствителност – истакна Корнелија Конеска.

Промоторите на монографијата за Таки М. Павловски

Куратор на проектот е Емил Алексиев, лектор на изданието е Ана Пановска, преводот на англиски јазик е на Зорица Теофилова, Игор Јанковски, Наташа Папазовска-Левкова, Билјана Николовска-Прлја. Фотографиите во изданието се на Благоја Дрнков и Станимир Неделковски, додека дизајнот и подготовката на монографијата се на Горан Јованов и издавачката куќа „Ројал арт“ – Скопје. Ангажман и креативно-инвентивни интервенции во едицијата има д-р Марија Павловска.

Покрај промоцијата на монографското издание, во Музејот на град Скопје од 27 март до 27 април ќе биде поставена изложбата „Таки М. Павловски: Објекти – градби“ (селектирани дела, дел никогаш неизложени). Таки М. Павловски (12 мај 1939 – 17 мај 2023) оствари значаен придонес во развојот на македонската ликовна уметност и култура и е еден од најистакнатите македонски уметници од својата генерација.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 274, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-31.3.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот