Модерниот „зелен бран“ во Скопје ќе се активира рачно и по потреба, вели сообраќајниот инженер Дејан Трпевски
Како што објаснува сообраќајниот инженер Трпевски, „паметниот“ зелен бран ќе има повеќе претходно дефинирани режими и ќе се активира од одреден центар на операции. Сите предвидени режими би биле поврзани со семафорите на поголемите булевари и крстосници во Скопје, особено во централното градско подрачје кои по потреба, ќе бидат активирани за колоната на возила непречено да може да движи во правецот кон кој се упатени.
По информацијата од градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски дека Скопје ќе добие модерен режим на сообраќајот – „паметен“ зелен бран, сообраќајниот инженер Дејан Трпевски смета дека тоа ќе биде мера со која ќе се централизира регулирањето на семафорите преку која, по потреба, ќе се активира посебен режим на работење на семафорите таму каде што сообраќајниот „шпиц“ ќе биде најголем. Системот ќе овозможи непрестајно движење на колоните возила со што ќе се спречи создавање „тесни грла“ низ градот.
Препорачано

Градоначалникот Ѓорѓиевски во неговата кратка најава на овој проект со особена важност за сообраќајот во Скопје информираше дека во наредниот период, градските советници треба да донесат повеќе одлуки поврзани со модерниот зелен бран.
– Одржавме значаен координативен состанок со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, како и со експерти од областа на сообраќајот, посветен на финалните подготовки за официјалното пуштање во функција на системот „Сејф сити“. Наместо застарениот концепт на „зелен бран“ од минатото, воведуваме паметен зелен бран – модерен, адаптивен и иновативен систем, кој во реално време ќе го регулира протокот на возила, ќе го намали метежот и ќе овозможи побрзо, поефикасно и побезбедно движење низ Скопје. Во наредниот период, Советот на град Скопје ќе донесе низа важни одлуки поврзани со дистрибуцијата, особено во централното градско подрачје. Овие мерки ќе донесат значително олеснување на сообраќајниот метеж, подобра организација и поголем комфор за граѓаните – изјави градоначалникот.
Од Градот за „Слободен печат“ велат дека паметниот зелен бран се применува во повеќе европски метрополи и тој ќе помогне Скопје да прерасне во, како што велат, „паметен“ град.
– Наместо однапред фиксно поставени интервали, системот во реално време ги анализира гужвите и интензитетот на сообраќајот и соодветно го прилагодува протокот на возила. Паметниот зелен бран ќе ги опфати сите улици каде што има сообраќајна светлечка сигнализација.Станува збор за иновативно и модерно решение кое веќе се применува во бројни европски метрополи, а со неговото воведување Скопје со ова прави голем чекор кон паметен град- велат од Град Скопје за „Слободен печат“.
„Паметниот“ зелен бран ќе се пушта рачно и по потреба
Трпевски за „Слободен печат“ објасни дека овој модерен „зелен бран“ не е налик на претходните верзии, кога постоел одреден режим на симултано вклучување на зеленото светло на семафорите на поголемите булевари независно од појавата на метеж или не, односно тие тогаш работеле на ист начин кога има премногу возила и кога сообраќајниците биле поослободени.
– Модерниот зелен бран претставува одлична идеја за справување со метежот во Скопје, особено во оние периоди на „шпиц“ од 7 до 9 часот наутро и од 15 до 17 часот попладне, кога градот е „преплавен“ со автомобили, кои како што секојдневно можеме да забележиме на сите пофреквентни крстосници, постојано се заглавуваат и создаваат колапс и огромен застој во сообраќајот, а со тоа и нервоза кај возачите – вели тој.
Освен што ќе казнува, „Сејф сити“ ќе го „олабавува“ сообраќајот
Со овој систем надлежните во реално време би го регулирале сообраќајот бидејќи, како што вели Трпевски, семафорите би имале различни режими на работење, односно зеленото светло би можело да трае 30 секунди, една минута, 90 секунди или повеќе, во зависност од волуменот на возила што ќе се гледа со помош на сите камери од МВР, предводени од камерите на „Сејф сити“.
„Безбеден град“ стартува на 1 февруари, Собранието го донесе законот
Во овој проект, според него, голема улога ќе имаат и камерите на системот „Сејф сити“, кои, како што вели тој, освен што имаат улога да евидентираат и да санкционираат, тие треба да помагаат во „олабавување“ на сообраќајот низ главниот град.
Во фокусот ќе бидат главните сообраќајни „артерии“
Според него, овој новитет во сообраќајот би требало да се воведе на големите булевари во Скопје, односно „Партизански одреди“, кој, како што вели Трпевски, е главниот „крвоток“ на сообраќајот во Скопје, потоа на „Илинден“, „Србија“, „Митрополит Теодосиј Гологанов“, „Кочо Рацин“, „Борис Трајковски“ и други.

Тој посочи дека неодамна во Скопје постоеше одреден „зелен бран“ на неколку булевари, но денес тој не е во функција и нема дефиниран тајминг на пуштање на семафорите.
Како што објаснува Трпевски, „паметниот“ зелен бран ќе има повеќе претходно дефинирани режими и ќе се активира од одреден центар на операции. Сите предвидени режими би биле поврзани со семафорите на поголемите булевари и крстосници во Скопје, особено во централното градско подрачје, кои по потреба ќе бидат активирани за колоната на возила непречено да може да движи во правецот кон кој се упатени.
– Со оваа мерка МВР и Градот Скопје во реално време ќе можат да го регулираат сообраќајот. Семафорите си имаат оригинален и редовен режим на секојдневно работење, кој се менува само при минување на ВИП-личности и на делегации, а со „паметниот“ зелен бран, времетраењето на семафорите ќе може постојано да се менува со цел намалување на метежот таму каде што ќе „заглават“ автомобилите – објаснува тој.
Мора да има човек кој ќе го активира системот
Сепак, Трпевски вели дека за да работи овој систем точно, прецизно и ефективно, потребно е присуство на човек или група луѓе, кои ќе бидат обучени и точно ќе знаат кога и каде е потребно да се активира зелениот бран.
„Теоретски, во момент кога камерите ќе забележат поголем број возила на одредена локација, Центарот во тој момент ќе го исклучи постојниот сообраќаен режим на таа локација и ќе го активира посебното времетраење на семафорите. За некои крстосници и булевари ќе биде потребно зеленото светло да се продолжи за уште 30 секунди, некаде можеби и повеќе, затоа е многу важно оваа работа да не биде надгледувана од систем или од вештачка интелигенција, туку да има човек или група обучени луѓе што одговорно и точно ќе го активираат посебниот режим“, вели сообраќајниот инженер.
Една од главните причини кои според Трпевски го прави овој проект навистина сложен, се семафоризираните пешачки премини, кои би биле затворени во моментите кога би бил активиран „паметниот“ зелен бран, возилата би возеле непречено со минути, а со тоа пешаците и велосипедите подолг период не би можеле да ја преминат улицата.
„За овој проект е многу важно да се направи одвојување на автомобилскиот со пешачкиот и велосипедскиот сообраќај бидејќи семафоризираните пешачки премини ќе бидат затворени сè додека не се исклучи посебниот режим на семафорите, кои може да бидат ‘зелени’ дури и неколку минути. Со тоа би се создало побуна кај пешаците“, вели Трпевски.
Токму поради сиве овие фактори, тој заклучи дека за овој модерен проект за централно регулирање на сообраќајот е многу важно со кој капацитет располага МВР и Градот за успешно да го стават во практична употреба како главно „оружје“ за намалување на енормниот сообраќајниот метеж што прерасна во секојдневие во главниот град.


