Младата вокалистка Натали Зарин ќе приреди уникатно музичко патување во „Станица 26“

По настапите во САД и Франција, на 28 март (вторник), со почеток во 21 часот, на сцената во ноќниот клуб „Станица 26“ за првпат ќе настапи младата вокалистка Натали Зарин.

Ова уникатно целовечерно музичко изненадување насловено „Рапсодија 26“ е замислено како фузија на различни музички жанрови и звуци, повеќе и помалку познати на нашата сцена, обоени со иновативен призвук.

– Овој музички проект нуди свеж и препознатлив звук, кој ги спојува елементите на поп, соул, електроника и денс-музиката. Креираме оригинални аранжмани на веќе познати мелодии, преработени во уникатен стил и создаваме нов звук. Така, се обидуваме да допреме до публиката и да создадеме едно ново и незаборавно искуство. Нашата музика е спој на различни жанрови, кои ги рушат конвенционалните граници – вели Натали Зарин.

На сцената таа ќе настапи со поддршка на музичарите Никола Бочваров на бас гитара, Александар Ванчовски на тапани, Петар Лукиќ на клавијатури и Иван Петровски на гитара.

Натали Зарин на сцена

Натали Зарин е ново име на македонската музичка сцена, а вокалната техника ја образува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на професор Борис Трајанов.

Во 2018 и 2019 година се има доусовршувано на приватниот истражувачки универзитет – Музичкиот конзерваториум „The New School“ во Њујорк. Претходно има посетувано и часови по глума во Студиото на Ивана Чабак во Лос Анџелес (2016/2017).

Минатата година, за време на нејзиниот престој во Париз, Франција, има настапувано во клубот „Le Piaf“ и во прославениот кабаре бар „Boeuf Sur le Toit“.

Во Соединетите Американски Држави досега имала неколку настапи во живо, помеѓу кои во „Town Hall Ptown“, „Tin Pan Alley late night show“ и на „Училишна ноќ“ во Лос Анџелес.

Досега има настапувано и со оркестарот на Националната опера и балет во Скопје. Натали цели кон поместување на границите на музиката и кон ослободување на традиционалните жанровски дефиниции, притоа создавајќи свежо и возбудливо музичко искуство. Таа не се потпира на своите ловорики и не игра на сигурно – наместо тоа, се движи кон нови предизвици и пробива нови терени на непозната територија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот