Млада докторка: Со просек 9.03 ме одбија за работа во Итната помош – директорот вели ќе има следни конкурси

Возила на Итна медицинска помош / Фото: Архива на „Слободен печат“

Новите 22 вработувања во Итната помош создадоа незадоволство меѓу одбиените кандидати. Млада докторка со просек од Медицинскиот факултет над 9, за „Слободен печат“ вели дека е меѓу одбиените, а познава и други кандидати со сличен просек, додека меѓу примените лекари има такви со понизок просек од нивниот.

-Кај што имаме просек над 9, не сакаат да ни дадат ни ранг листа да го видиме бодувањето. Само не повикаа да си ги земеме документите, дека сме одбиени, а ранг листа не објавија. Познавам барем 10 доктори кои беа одбиени, а имаат просек над 9, додека кандидати со понизок просек биле примени, изјави за „Слободен печат“ млада докторка која била одбиена.

Директорот на Здравствен дом Скопје, доктор Виктор Исијановски пак, вели дека ранг листата е објавена и дека ги разбира поплаките на одбиените доктори, бидејќи секој сака да работи.

-Но, просекот не е одлучувачки фактор бидејќи покрај тоа има и интервју кое го спроведувам јас и економскиот директор. За Брза помош е важно и искуството. На пример, примивме кандидат кој веќе работи во приватна здравствена установа, си дава отказ и доаѓа во Брзата помош. Потоа, одбивме кандидат кој има приватна специјализација по хирургија, затоа што ние овде немаме хирургија. Понатаму, исклучително е важно интервјуто со кандидатот затоа што се гледа личноста. Многу е важна личноста на кандидатот кој ќе работи на овие позиции. На крајот, дискрециско право на директорот е кого ќе прими. Не можат да се жалат ниту за етничката припадност, зашто и тоа внимававме да биде 50-50, рече за „Слободен печат“ доктор Исијановски.

Тој додаде дека ќе има и други вработувања во Здравствен дом во иднина.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот