МКК Куманово го совлада Пелистер, познати полуфиналните двојки во Купот
Кошаркарите на МКК Куманово се последните полуфиналисти во Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“, откако „сино-белите“ со одлична последна четвртина, славеа со 75:66 над Пелистер.
Препорачано
После првата четвртина, битолската екипа имаше предност од 18:17, а по тројката на Стојановски, „зелено-белите“ имаа и повисоки 21:17 на почетокот на вториот период. Без Луковиќ во рекетот, играчите на Пелистер имаа многу повеќе опции во нападот, ја искористија ситуацијата, и ја зголемија предноста 28:23, потоа и на 31:25.
Влегувањето во игра на Ѓуроски, и враќањето на Луковиќ донесоа малку поинаква слика на на теренот. Искусниот двоец му донесе нерешен резултат на МКК Куманово во четвртфиналето (36:36), по неполни 19 минути од играта.
Слободните фрлања беа и останаа слабост во играта на „сино-белите“, кои првото полувреме го завршија со повеќе од ниски (7/17). Но добра скок-игра, макар што во вториот период, за само неколку минути гостите од Битола освоија дури шест топки во фазата на нападот. Тоа и им ја донесе предноста на полувремето (41:37).
Со серијата од 8:2, реализирана за неполни четири минути, МКК Куманово ја врати предноста на својата страна (45:43). Но не за долго, затоа што битолчани одговорија со своја серија на поени, која ги врати во позитива (56:50), кога се играше 29минута. Но Радукиќ, и неизбежниот Луковиќ не дозволија истата да биде и повисока. По три одиграни четвртини, водеше Пелистер, но со минимални (56:54).
Имаа битолчани и „плус пет“ (61:56), на почетокот на последната четвртина. Веќе на средината, резултатот одново беше израмнет, двете екипи имаа по 61 поен. А по тројката на Стевановиќ, нова промена на водството, сега на страната на МКК Куманово (64:63), на нешто повеќе од четири минути до крајот. По тројката на Николиќ, вистинска ерупција од воодушевување во салата, МКК Куманово поведе со 67:64. По поените на Радукиќ, разликата беше уште поголема (71:64), на 02:50 минути до крајот.
Застана играта во нападот на гостите од Битола, токму во четвртината на одлука, кумановци знаеја да го казнат тој слаб период, и да се пласираат во полуфиналето. Кај МКК Куманово, Луковиќ застана на ефект од 20 поени (плус седум скока), Радукиќ го следеше со 17 поени, седум скока и шест асистенции. Во екипата на Пелистер, Малешевиќ реализираше 22.поени (девет скока и две асистенции), Дејвис имаше 12,а Вилсон 13.поени.
Полуфиналните двојки во купот се: МЗТ Скопје Аеродром – Кожув и МКК Куманово – ТФТ.


