МКЦ со хип-хоп претставата „Црнила Ремикс“ ќе гостува на „Нишвил“

Театарскиот хип-хоп проект на МКЦ Скопје – „Црнила Ремикс“ е дел од официјалната селекција на Меѓународниот џез театарски фестивал „Нишвил“, кој од 5 до 14 август ќе се одржи во Ниш, Србија, на сцените во Нишката тврдина, соопштија од МКЦ.

Во рамки на популарниот „Нишвил џез фестивал“ од 2017 година како посебна програмска целина постои Меѓународниот џез театарски фестивал „Нишвил“, на кој оваа година ќе бидат прикажани продукции од Франција, Швајцарија, Србија, САД, Хрватска, Бугарија и Македонија. Изведбата на „Црнила Ремикс“ ќе се одржи на 6 август во Амфитеатарот на Нишава.

Програмската селекција на овој фестивал е базирана на продукции кои ја користат музиката како еден од главните драмски елементи во креирање на самата претства, а целата програма се прикажува исклучиво на отворени сцени низ градот.

– Ќе погледнеме од многу мали трупи, како француската „Les Nouveaux Ballets du Nord-Pas de Calais“ од Лил, која ги комбинира техниките на театар, кукларство и танц, или, пак, хрватската трупа „Cirk“ од Загреб, која спојува театар, филм, циркус и визуелни уметности, или „Црнила Ремикс“, која ни доаѓа како претстава-концерт. Тука се и најдолговечните „Мимарт театар“ (1984) – танцов и физички театар, и „Дах театар“ (1991) – лабораториски театар поврзан со работата на Јержиј Гротовски и Еуџенио Барба, па сѐ до светски познатата театарска трупа „Ла Мама“ од Њујорк (1961), која ја негува работата на експерименталниот театар – потенцира Маја Митиќ, уметнички директор и селектор на меѓународниот џез театар фестивал „Нишвил“.

Со гостувањата на фестивалот „Егзит“ во Нови Сад и клубот „Мочвара“ во Загреб во 2019 година „Црнила Ремикс“ ги започна своите меѓународни активности, а проектот беше дел и од хибридната меѓународна програмска соработка реализирана за време на пандемијата во 2020 година меѓу МКЦ Скопје и „Кино Шишка“ од Љубљана преку проектот „Cross Stream“.

Хип-хоп претставата „Црнила Ремикс“ е урбано читање на класичното дело „Црнила“ на Коле Чашуле, работено по идеја и режија на Јордан Симонов, со оригинален препев и музика на Дарко Димитриески и Павле Димковски од колективот „Зад Аголот“. Членови на Организацијата се: Стефан Вујисиќ, Александар Михајловски Хонда, Владимир Петровиќ, Горан Ников, Ненад Анѓелковиќ, Сања Арсовска и Павле Димковски.

Оваа музичко-драмска продукција имаше своја премиера во 2018 година на музичкиот фестивал „Здраво млади“, а потоа и на меѓународниот театарски фестивал МОТ, а покрај театарската и концертната верзија, овој проект во 2020 го доби и својот трет формат – аудиозапис на винил, потсетија од МКЦ-Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот