фото: Драган Митрески - Слободен печат

Мирослава Симоновска и Фросина Факова Серафиновиќ од „Слободен печат“ добија пофалница на наградите „Никола Младенов 2025“

На панелот, за доделувањето на наградите за истражувачки стории, учесниците говореа за истражувачкото новинарство како коректив на политичките и бизнис-елитите, но и за проблемот со краткото внимание кај дел од публиката, особено кај младите, во време кога најголем дел од информациите се консумираат преку социјалните мрежи.

Новинарките Мирослава Симоновска и Фросина Факова Серафиновиќ од „Слободен печат“ се меѓу добитниците на пофалници за истакнат новинарски ангажман, на јубилејното 25. доделување на наградите „Никола Младенов 2025“, во организација на Македонскиот институт за медиуми (МИМ).

Покрај нашите новинарки, пофалници денеска добија и Бјанка Станковиќ, Славица Филиповска Иванова и Михаил Милошевски.

Симоновска и Серафиновиќ добија пофалница за серијалот „Патот кон фемицидот е поплочен со зафрлени поплаки во полиција“.

Патот кон фемицидот е поплочен со зафрлени поплаки во полиција

На свеченоста МИМ ги додели и традиционалните прва, втора и трета награда за најдобра истражувачка сторија, а во фокусот на годинашниот настан беше и панел-дискусијата посветена на состојбите во истражувачкото новинарство, улогата на медиумите и на предизвиците што ги носат социјалните мрежи.

Фото: Слободен печат / Хари Кацановски

На настанот се обрати и Билјана Младенова, сопруга на Никола Младенов, која, зборувајќи без подготвен говор, потсети на една од неговите последни колумни и порача дека општеството не смее да прифаќа „безрбетници што ќе ѝ служат на секоја власт“. Таа се осврна и на слабиот институционален одговор, нагласувајќи дека токму затоа истражувачкото новинарство останува неопходно.

Заедничката порака од дискусијата беше дека истражувачкото новинарство во земјава напредува, но дека институционалниот одговор на откриените злоупотреби и неправилности останува слаб.

На панелот учествуваа Александар Димитриевски од „360 степени“, Ана Петрушева од БИРН, Ирена Мулачка од „Фокус“, Сашка Цветковска од ИРЛ и Снежана Лупевска, позната по емисијата „Код“.

Тие говореа за истражувачкото новинарство како коректив на политичките и бизнис-елитите, но и за проблемот со краткото внимание кај дел од публиката, особено кај младите, во време кога најголем дел од информациите се консумираат преку социјалните мрежи.

„Многумина читаат од социјалните мрежи, но малкумина им веруваат“

Александар Димитриевски оцени дека истражувачкото новинарство треба да биде коректив на општеството и дека неговите најголеми успеси се сториите што предизвикале конкретна акција од институциите, како истраги, судски постапки или поништување тендери.

Тој посочи и дека, иако огромен процент од луѓето консумираат информации преку социјални медиуми, довербата во вестите пласирани таму е многу ниска. Според него, истражувачкото новинарство мора да најде начин и финансиски да опстане, но и да создаде публика што ќе прави разлика меѓу факти и дезинформации.

„Има млади кои ја препознаваат вредноста на новинарството“

Ана Петрушева рече дека ефектите од истражувачките приказни понекогаш се моментални, но дека подеднакво е важно и тоа што тие ја сензибилизираат јавноста за системски проблеми во кои доминираат криминалот и корупцијата.

Таа нагласи дека и покрај големиот број онлајн медиуми, кредибилните редакции сепак ја задржуваат публиката што им верува. Петрушева не смета дека младите не се заинтересирани за новинарството, велејќи дека има млади луѓе кои ја препознаваат вредноста на професијата.

Ирена Мулачка од „Фокус“, осврнувајќи се на своите истражувања за „Онкологија“, посочи дека иако не секогаш се менува состојбата во институциите, сепак е значајно тоа што веќе не е дозволено некој неказнето да си поигрува со судбините на луѓето.

Таа оцени дека во партизирано општество реакциите честопати доаѓаат од политичарите, наместо од институциите, и дека истражувачките новинари вложуваат огромен труд кој треба да биде препознаен како важен дел од борбата за подобро општество.

„Не се виновни младите“

Сашка Цветковска од ИРЛ нагласи дека истражувачкото новинарство не секогаш вродува со плод, но дека и кога нема институционална реакција, работата на новинарите останува да ги достават фактите до јавноста.

Според неа, овој тип новинарство е бавен, тежок и бара ресурси, трпение и отпорност на притисоци.

Таа смета дека не треба да им се замерува на младите што вниманието го насочуваат кон платформи како „Инстаграм“, туку медиумите треба да бараат практични решенија за да ја разберат својата публика и да допрат до неа.

— Ние создаваме приказни, а со нив градиме емпатија. Сега стануваме огорчени, ги обвинуваме граѓаните, никој не нѐ следел… Зошто немаме кадар? Можеме да им се лутиме на младите колеги што работат за 500 евра и им се заканува секоја будала? Не. Ќе направиме сѐ што е во наша моќ да ја сензибилизираме публиката со нејзиното внимание. Патетика не помага-— објаснува таа.

Новинарите, додава Цветковска, честопати се осамени, „наша работа е дадеме информации, па јавноста да одлучи што ќе прави со тие информации“.

— Медиумите се под притисок, политички и, сега, геополитички. Сите реклами, на пример, одат преку платформи како „Гугл“, па треба да размислуваме за нови модели на финансирање — посочува таа.

Снежана Лупевска порача дека новинарите не се во професијата заради добивка, туку за да им помагаат на луѓето и да отвораат крупни општествени теми. Таа рече дека токму мултимедијалноста е еден од клучевите за да се направи истражувачкото новинарство попривлечно и подостапно за младите генерации, сугерирајќи дека можеби е потребна и посебна платформа преку која истражувачките стории полесно би стигнувале до публиката.

Кои истражувачки стории беа наградени?

Првата награда за најдобра истражувачка сторија на конкурсот „Никола Младенов 2025“ ја добија Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) за сторијата „Кочани – нашиот морален компромис“, тимот на емисијата „КОД“ за серијалот истражувања за пожарот во дискотеката „Пулс“ и новинарката на „Фокус“, Ирена Мулачка, за сторијата за тајниот сопственик на агенцијата „Рубикон“. Во образложението беше наведено дека нивните истражувања придонеле за разоткривање на причините, пропустите и одговорноста поврзани со еден од најтрагичните настани во поновата историја на земјата – пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Втората награда ја поделија тимот на БИРН Македонија за истражувањето и дата-базата за верските имоти на МПЦ-ОА и ИВЗ, и новинарите Александар Методијев и Сузана Мицева за серијалот „Јаглен на раскрсница“. Третата награда им припадна на Фисник Џелили, за сторијата за злоупотребите на средства за третман на кучињата-скитници во Тетово, објавена на „Порталб“, и на Александар Димитриевски за сторијата „Полициските специјалци ќе ги облекува модно женско студио и фирма регистрирана пред тендерот“, објавена на „360 степени“.

Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

Според генералната оценка на комисијата, најдобрите стории годинава се одликуваат со темелна проверка на факти, користење разновидни извори, долгорочен или серијален истражувачки пристап, јасна структура и способност сложените теми да се преточат во разбирливи и влијателни новинарски производи. Комисијата оцени дека, и покрај ограничените ресурси, политичките и економските притисоци и зголемената динамика на дневното информирање, истражувачкото новинарство во земјава и натаму создава релевантни, храбри и општествено значајни содржини.

Наградите за најдобра истражувачка сторија Македонскиот институт за медиуми ги доделува од 2001 година, а од 2013 година тие го носат името на легендарниот Никола Младенов.

На конкурсот, кој беше објавен на 27 јануари и траеше до 17 февруари, пристигнале 42 стории, обработени во 122 текста и видеоприлози.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот