Илустрација Елисавета Бејкова „Слободен печат“
Илустрација Елисавета Бејкова „Слободен печат“

Министерството за здравство нема извештаи што сработил нивниот хонорарец Фатмир Меџити кому му плаќале 1.000 евра месечно

Министерството за здравство не поседува извештаи за тоа што сработил Фатмир Меџити кого го ангажирале како хонорарец со договор за дело и му исплаќале 1.000 евра секој месец од 8 јули 2024 до 31 декември 2024. Во исто време додека бил ангажиран со договор за дело во Министерството за здравство, Меџити бил и директор на Клиниката за неврологија каде деновиве се шпекулира дека ќе биде сменет со кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Од Министерството за здравство ни рекоа дека до овој момент Меџити уште ја извршува функцијата директор.

Од склучениот договор за дело меѓу Фатмир Меџити и Министерството за здравство, не може да се сфати што Меџити работел за хонорарот од 1.000 евра месечно, но текстот на договорот открива дека задачите за Министерството за здравство требало да ги врши секој ден, истовремено додека директорувал со Клиниката. Антикорупциската комисија отвори предмет по нашите пишувања, за да се испита случајот.

Договорот траел од 8 јули 2024 до 31 декември 2024, а е склучен непосредно откако министер за здравство стана Арбен Таравари, сопартиец и личен пријател на Меџити. Во периодот кога Таравари бил министер, најмалку две лица семејно поврзани со Фатмир Меџити исто така склучиле договори со Министерството за здравство за да извршуваат работни задачи внатре на определено време, покажува документацијата со која располагаме. Семејно поврзани лица со Меџити не биле единствените хонорарци ангажирани во Министерството за здравство со вакви „договори по терк“ – сите со иста содржина, а се разликува само сумата што била исплаќана. Лица семејно поврзани со вработени во кабинетот, лица коишто примале надомест од Државната изборна комисија, луѓе што истоврмено членувале во неколку комисии и управни одбори на клиники имале исти вакви договори за дело за кои Министерството за здравство не поседува извештаи за сработеното.

Откако „Слободен печат“ преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се обрати до Министерството за здравство со барање да ни достават извештаи за сработените активности на Фатмир Меџити и на уште едно лице кое истовремено примало надоместок од ДИК, а било и хонорарец на Министерството за здравство, оттаму молчеа и во законскиот рок не ни одговорија на барањето. Но, по нашата жалба до Агенцијата за правото на пристап до информации од јавен карактер пристигна одговор.

Во врска со Вашето барање за информации од јавен карактер за склучени договори на дело помеѓу Министерството за здравство и двете лица, ве известуваме дека горенаведените немаат доставено извештај до Министерството за здравство за сработените активности кои произлегуваат од договорот за дело, ниту во секторот за управување со човечки ресурси ниту во архивата на министерството, ни одговорија од Министерството за здравство.

Така останува мистерија за што се исплаќале овие хонорари, особено ако се погледне содржината на договорот кој за сите лица вклучително за Меџити е иста и гласи:

„Давателот на услугата се обврзува работата да ја изврши совесно и квалитетно, според описот и природата на работата, постапувајќи според упатствата на нарачателот и актите и внатрешните правила на нарачателот, а во согласност со нормативите и стандардите за овој вид работа, и тоа да ги изврши следните работи/услуги, на следниот начин и обем: -да ги прима, распределува и координира работите во врска со материјали поврзани здравството, да го следи извршувањето на задачите од страна на организациоаните единици за кои е дадено задолжение, да врши проверка на содржината на материјалот доставен од организационите единици, да го информира министерот и да даде сопствено мислење за содржината наведена во дадените материјали, спроведување на материјалите до надлежните организациони единици и надлежни органи“.

Кога „Слободен печат“ на мејлот на Клиниката за неврологија достави прашање за директорот Фатмир Меџити која била целта на овој договор, односно кои биле активностите што докторот ги спроведувал за Министерството за здравство согласно овој договор, оттаму добивме одговор дека Клиниката не е надлежна за одговорите, иако прашањето беше адресирано лично до Меџити.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот