Министерство за транспорт и врски: Барањето на Пецаков да се одложи работењето на делницата Подмоље – Охрид е лицемерно

Градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков ги повика институциите да го одложат работењето на делницата Подмоље – Охрид за крајот на септември, односно по завршувањето на туристичката сезона. Министерството за транспорт и врски реагира на барањата на градоначалникот, нарекувајќи ги лицемерни и неприфатливи.

Со затворањето на влезот на најголемиот туристички центар во земјава и пренасочување на сообраќајот по стариот пат, се создаваат големи колони возила и нетрпеливост кај возачите, што ќе влијае и на туристичката сезона.

Пецаков посочи дека иако имале состанок со изведувач, инвеститор и СВР Охрид, на кој Општината и полицијата биле на ист став дека затворањето на главниот влез во Охрид и пренасочување по стариот пат, кој нема капацитет да прима толкав број возила, ќе создаде огромни гужви и проблеми во сообраќајот, посебно во летниот период, сепак одлуката не била испочитувана.

„Кога не ги почитуваат одлуките од состанокот, ги повикувам јавно министрите за траснпорт и врски и за внатрешни работи и премиерот, ги замолувам сите работни активности околу влезот на Охрид, да се реалиизраат по завршување на туристичката сезона, односно по 15 септември“, изјави Пецаков

.

Покрај од граѓаните, тој нагласи дека денеска имало реакции и од туристички работници, на чии гости од летовите од Амстердам и Карловица вчера им било потребно еден и пол час да стигнат од Охридскиот аеродром до хотелите, исто колку што им било потребно да стигнат до земјава.

„Рокот за градба е 45 дена, но ветувањата се дека ќе работат во две смени и за 30 дена дека ќе бидат завршени градежните активности, но гледајќи ја динамиката во овие 7-8 години како се работи на патот, тие 30-40 дена лесно ќе бидат многу повеќе. Тоа ќе ја опфати цела туристичка сезона, а со тоа и хаосот во сообраќајот, односно во пристапот на туристите и на граѓаните во Охрид ќе биде катастрофален, забележува Пецаков.

Според него, доколку градежните активности се одвиваат по завршувањето на туристичката сезона, товарот од гужвите за влез и излез од Охрид ќе остане на охриѓани, кои ќе бидат потолерантни, во однос на тоа да трпи туризмот.

Во реакција на барањето на охридскиот градоначалник, Министерството за траснспорт и врски соопшти дека поддршката на Владата кон Општина Охрид е како никогаш досега и оцени дека неговите барања се „лицемерни и неприфатливи“.

„Поддршката од централната власт кон општина Охрид е огромна, како никогаш досега, а реакциите на градоначалникот на општината се лицемерни и неприфатливи посебно кога станува збор за истиот градоначалник кој постојано повикува на забрзување на градежните работи на истиот автопат. Автопатската делница од Кичево до Охрид се гради со потребната динамика и нема да дозволиме ничија опструкција да ја блокира реализацијата на овој проект“, стои во писмената реакција на Министерството.

Забележуваат дека, според соопштението, несфатливата реакција доаѓала од градоначалник од политичката партија, која оставила хаос на истиот автопат и оти сега се борат тој автопат да не се изгради.

„Пецаков треба да има предвид дека се отстранија сите проблеми на оваа делница кои ги затекнавме од времето кога ВМРО-ДПМНЕ ја предводеше владата. Благодарение на напорите и пристапот на оваа Влада се решија најголемите проблеми и се решија преку 3500 имотно-правни пречки помеѓу државата и граѓаните. Се испроектираа и клучките, се репроектираа косините со што денеска има прогрес на терен“, посочува Министерството за транспорт и врски.

Автомотосојузот на Македонија соопшти дека поради реконструкција на коловозот, сообраќајот на патниот правец Подмоље – Охрид на магистралниот пат А3, од вчера е пренасочен преку регионалниот пат Р-1208.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот