Милошоски тврди: Постои нон пејпер со Бугарија, се држи во тајност

Антонио Милошоски, пратеник/Фото: Скриншот

Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски вели дека иако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата напишаа писмо до премиерот Димитар Ковачевски за да се обрати во македонското Собрание и пред пратениците  да ги сподели нацрт документите кои што се договараат на релација Скопје-Софија, тој се уште нема одговорено, ниту писмено ниту усно.

„Според нашите информации што ги имаме од дипломатски извори, има еден подготвен нон пејпер кој што циркулира на релација Министерство за надворешни работи на Македонија и МНР на Бугарија. Но, сега за сега, тој се држи во тајност и не се споделува со македонските пратеници. Инаку, како што гледаме во официјална Софија имаат чести координации кај претседателот Радев и нивните политичари се запознати за тоа што се разговара со Македонија. За жал, пратениците во Македонија не се запознати и дознаваме од извори во Бугарија”, посочи Милошоски.

Тој од штипско Ново Село, одговарајќи на новинарски прашања, истакна дека тоа што премиерот не се појавува пред пратениците да образложи што се преговара со Бугарија, ни е знак дека тој нешто сака да сокрие и од пратениците, веројатно и од јавноста.

„Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, дваесет на број и од коалицијата пишавме едно писмо, барање до премиерот Ковачевски да се обрати пред Собранието, пред Комисијата за надворешна политика и да ги сподели со нас нацрт документите кои  што се преговараат на релација Скопје-Софија. Засега немаме ниту писмен одговор, ниту пак согласност од премиерот дека ќе се појави пред Собранието. Тоа ни е еден знак, дека веројатно тој сака нешто да сокрие, да сокрие од пратениците, веројатно да сокрие и од јавноста. Но, не е во духот ниту на демократијата, ниту на отчетноста кога владата и премиерот се кријат од Собранието и не сакаат да разговараат за најбитните теми, а оваа тема е поврзано со односите Македонија-Бугарија и поврзана е со самата Европска унија. Затоа, цениме дека време е Ковачевски да го покаже својот демократски капацитет, да не се плаши, да дојде пред пратениците, да покаже што има да се разговара со Бугарија и доколку не е спремен за јавна седница, може да организираме и затворена седница на која што би ги дебатирале овие теми”, рече Милошоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот