Милевски: Македонија не е фудбалска велесила, тоа што ни се случи со Англија е можеби добро

фото: ФФМ

Селекторот на македонската репрезентација, Благоја Милевски го објави списокот со повикани фудбалери за двата квалификациски натпревари за ЕП 2024 против Италија (9 септември, 20.45 часот, Национална арена „Тодор Проески“) и Малта (12 септември, 20.45 часот, Малта).

Потсетување дека во продажба се влезниците за натпреварот Македонија – Италија. Повеќе ТУКА

Предводникот на националниот тим ги изнесе своите очекувања од двата натпревари. Посочи дека Македонија ќе се обиде да дојде до позитивни резултати со тимот што го имаме на располагање во моментов, иако се соочуваме со проблеми во составот.

Селекторот нагласи дека треба сите комплетно да ја согледаат реалната слика на нашиот фудбал, додавајќи дека ние не сме фудбалска велесила, а високиот пораз од 7:0 против Англија во Манчестер треба сите да нè спушти на земја.

Иако и натаму е без клуб, Милевски верува во искуството кое го има Александар Трајковски:

– Александар Трајковски е во моментов без клуб, но тој е професионалец кого добро го познавам и изрази желба да биде дел од тимот. Физички е подготвен, но за сите играчи ќе направиме проценка околу нивната подготвеност и ќе одлучиме кој колкава минутажа ќе добие на двата натпревари.

Сакаме да покажеме дека Македонија е конкурентна и покрај проблемите со кои се соочуваме. Ќе го дадеме максимумот, момците ќе бидат подготвени за предизвикот и мислам дека атмосферата во нациналниот тим ќе биде добра и позитивна. Без разлика на резултатите, Македонија заслужува поддршка од трибините и се надевам дека стадионот ќе биде исполнет до последното место – вели Милевски.

Милевски повика 29 фудбалери за натпреварите против Италија и Малта

– Македонија може да биде добра само ако функционира како тим и наша должност е сите да се ставиме во функција на тимот, само така може да се надеваме на успешни настапи. Факт е дека постојано, освен со Португалија, секогаш ни недостасувале витални играчи, но ростерот е тој, изборот е тој, тоа е реалноста. Не сме фудбалска велесила. Тоа што ни се случи со Англија е можеби и добро, за да се спуштиме на земја и да почнеме од доле, да градиме тимски дух и тим – се зборовите на селекторот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот