Милевски: Благодарен сум што имав можност да ја водам репрезентацијата, горд сум на нашите фудбалери
Благоја Милевски, довчерашниот селектор на Македонската фудбалска репрезентација преку соопштение се заблагодари за шансата да го води националниот тим во последните години.
Препорачано
„Драги поддржувачи на македонската репрезентација,
Би сакал да изразам искрена благодарност до Фудбалската федерација на Македонија и до сите претседатели на нашата федерација, Илчо Ѓорѓиоски, Муамед Сејдини и Масар Омерагиќ, кои од 2014 година, обезбедуваа услови и поддршка што ни овозможија да постигнеме резултати вредни за историјата на македонскиот фудбал.
Посебна благодарност упатувам до претседателот Масар Омерагиќ за континуираната и јасна поддршка во изминатиот период. Таквите основи се неопходни за секој професионален процес да функционира стабилно. Во фудбалот, како и во секоја друга област.
Особено сум горд на нашите фудбалери. Нивната енергија, посветеност и упорност ни донесоа победи и резултати кои ќе останат во сеќавање. Тие покажаа што значи да се игра за Македонија и тоа ме исполнува со вистинска гордост.
Благодарен сум и на мојот стручен штаб, медицинскиот и логистичкиот тим за професионалноста и соработката. Секој од нив ја вршеше својата работа тивко и прецизно, како дел од една целина што мора да биде усогласена за да успее.
Чест ми беше да ја водам репрезентацијата и да бидам дел од овој заеднички труд. Јас и во иднина ќе бидам со репрезентацијата, со внимание, поддршка и почит“, стои во соопштението на Милевски.
Под водство на Благоја Милевски, Македонија се избори за два историски плеј-оф дуели за Светското првенство. Иако тимот забележа два големи порази (7-0 од Англија и 7-1 од Велс), Милевски постигна и неколку историски резултати, како победите над Италија (0-1) и Ерменија (0-5), како и реми резултатите со Италија и Англија во Скопје. Покрај тоа, Македонија го освои првото место во групата Ц во Лигата на нации.
Во период од две години, Македонија не доживеа пораз во ниту еден официјален натпревар, што ја потврдува стабилноста и успехот на Милевски како селектор. Името на неговиот наследник се очекува да биде објавено најдоцна до 25 декември.
Преземено од: Sport.com.mk


