Мицкоски: Жално би било да го прекинеме економскиот раст со предвремени избори
Оваа Влада има полн легитимитет, повеќе од 600.000 граѓани на изборите минатата година гласаа за оваа Влада, рече Мицкоски.
Премиерот Христијан Мицкоски отфрла секаква можност за одржување предвремени парламентарни избори напролет.
Препорачано
Тој не ја прифати ниту опцијата на која се надева ДУИ дека доколку победи на локалните избори тоа ќе биде доволна причина за одржување предвремени избори.
Оваа Влада има полн легитимитет, повеќе од 600.000 граѓани на изборите минатата година гласаа за оваа Влада, рече Мицкоски.
„Јас разбирам дека има политички партии кои освен поделби и би рекол националистички испади немаат друга програма па за да ги мобилизираат своите структури и гласачи единствената работа која што можат овој момент да ја зборуваат е да повторуваат предвремени избори, предвремени избори. И ВМРО-ДПМНЕ убедливо ги победи со историски резултат во 2021 на локалните избори, па беше во опозиција 3 години“, рече Мицкоски.
Во одговорот на новинарското прашање тој во контекст го стави ревидираниот Бруто-домашен производ (БДП) за 2024 година од три проценти, за кој рече дека е еден од најголемите во Европа.
„Тоа е над сите очекувања на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка. Би било навистина жално ако сите овие позитивни индикатори ги прекинеме со предвремени парламентарни избори“, додаде Мицкоски.
Но од ДУИ и натаму не се откажуваат и се убедени дека сепак по локалните ќе има предвремените избори.
„Веднаш по локалните избори ќе има парламентарни избори. Во Градот Скопје, не знам дали сте ги виделе анкетите, соодносот е речиси 8 спрема 2, Националната Aлијанса за Интеграција е 8 спрема 2, тоа е соодносот во Градот Скопје. Одиме на предвремени избори, ги знаете резултатите од предвремените избори, ќе има нова влада во март, ќе има нов состав во Градот Скопје, па пресметав сè и за Градот Скопје и за Владата“, изјави потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи.
Во однос на предвремени избори од Вреди се против нивно одржување, додека од СДСМ велат дека тие се подготвени. Инаку темата за изборите ја подгреа токму премиерот Мицкоски кој минатата недела ја остави отворена можноста, а за која од ДУИ силно се залагаат.


