Мицкоски за нападот врз македонскиот Бугарин: Некој може да накисне на дожд и тоа да биде хибриден напад
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека апсолутно ги отфрла тврдењата дека имало каков било напад врз новинарот и публицист Владимир Перев.
Препорачано
Во одговор на новинарско прашање за реакциите од Софија во врска со Перев, Мицкоски рече дека некој може да накисне на дождот надвор и тоа да го окарактеризира како хибриден напад од страна на Владата.
„Може некој да накисне на дождот и надвор и тоа да биде хибриден напад од страна на Владата, со кој што се загрозува интегративнот процес. Ако некој одлучил да се самоповреди и тоа да го прикаже како напад, хибриден или не знам каков, тоа е друга работа. Видете не очекувајте дека ќе имаме црвен тепих и дека нема да се прават конструкции и инженеринг, на тоа сме навикнати. Инаку, имав консултации во текот на вчерашниот ден и апсолутно отфрлам дека е направен каков било напад врз лицето, кое го споменувате, изјави Мицкоски пред почетокот на Националниот форум – саем на граѓански организации „Соработка помеѓу Владата и граѓанското општество“.
МВР вчера објави дека постапува по случајот пријавен од 80-годишниот Перев, дека бил физички нападнат од непознато лице во Скопје.
Инцидентот се случил во петокот, а полицијата објави дека презема мерки за расчистување на случајот.
За случајот веднаш стигнаа реакции од Бугарија. Бугарското МНР во соопштението објавено на нивната веб страница побара надлежните органи во Република Северна Македонија да преземат навремени и ефикасни мерки за истрага и правда.
Рекација имаше и од бугарскиот претседател Румен Радев, кој рече дека е крајно време Македонија да почне со гонење за нападите врз Бугарите.
Контроверзниот бугарски политичар Ангел Џамбаски и член на крајнодесничарската ВМРО-БНД, им испрати писмо на членовите на Европскиот парламент и Европската комисија поради нападот врз македонскиот Бугарин, Владимир Перев, во кое, како што објави на својот Фејсбук, ги критикува европските институции дека молчат пред систематските напади врз Бугарите во Македонија.
Истакнат македонски Бугарин е нападнат во Скопје, официјална Софија реагира


