Истакнат македонски Бугарин е нападнат во Скопје, официјална Софија реагира
Поранешниот новинар Владо Перев (80) вели нападот е „политика на великосрпскиот национализам, да не кажам фашизам, насочена единствено кон Бугарите во Македонија“
„Министерот за надворешни работи на Бугарија, Георг Георгиев, денеска телефонски разговарал со Владимир Перев – еден од најистакнатите претставници на бугарската заедница во земјава, кој бил нападнат и претепан денес во Скопјe“, соопшти Министерството за надворешни работи на Бугарија.
Препорачано
80-годишниот Перев, за кого се тврди дека е поранешен новинар, вели дека маж двојно помлад од него го удрил во лицето и му ги скршил очилата затоа што е од „бугарската заедница во Република Северна Македонија“, пренесе „Бгнес“.
Напаѓачот извикал дека „Бугарите треба да одат во Бугарија“ и, според Перев, му се заканил со бесење.
Во изјава за медиумот, самиот Перев вели дека нападот е „политика на великосрпскиот национализам, да не кажам фашизам, насочена единствено кон Бугарите во Македонија“. Во биографијата на Перев на „Википедија“, каде има страница за него само на бугарски јазик, се вели дека тој е роден во Прилеп и дека работел како новинар во Македонската телевизија од 1968 до 2004 година, кога, како што се вели, бил „отпуштен поради пробугарски пројави“.
Министерот Георгиев го уверил Перев дека „Бугарија ќе продолжи да биде негова поддршка во ова тешко време за него“.
„Категорично осудуваме уште еден чин на насилство од омраза врз Бугарин во Република Северна Македонија – феномен, за жал поттикнат од моменталната социо-политичка атмосфера и антибугарската реторика“, се вели во соопштението.
„Очекуваме надлежните органи во Република Северна Македонија да преземат навремени и ефикасни мерки за истрага и правда. Потсетуваме дека европскиот пат на земјата бара целосно и совесно спроведување на европскиот компромис од 2022 година, вклучително и почитување на заедничките вредности и гарантирање на правата на македонските Бугари“, додаваат од бугарското МНР.


