Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ ми е буквално како трето дете, но третиот мандат ќе ми биде последен
Пред претстојниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци идната недела, на кој се очекува третиот и, според Статутот, последен мандат на чело на владејачката партија да го добие Христијан Мицкоски, премиерот вели дека нема да бара измени со кои би си овозможил повеќе време на чело на партијата. Тој во интервју за „360 степени“ на МТВ1 рече и дека не планира да се кандидира за шеф на државата.
Препорачано
„Ако мојот прв мандат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ го одбележа времето на консолидирање, реструктуирање и прегрупирање на внатрешните редови, потоа тоа продолжи во вториот мандат кога партијата победи убедливо на парламентарните и на претседателските избори. На крајот од првиот мандат победивме убедливо на локалните избори и враќање во позиција во која денеска се наоѓаме, ВМРО-ДПМНЕ да биде најголемата политичка партија и веќе еве година и половина носител на владата. Очекувам третиот мој мандат на чело на ВМРО-ДПМНЕ да го одбележи периодот на големи реформи и подобар живот за граѓаните во државата“, се осврна Мицкоски на неговото владеење со владејачката партија.
Според актуелниот Статут на ВМРО-ДПМНЕ, еден претседател на партијата има право на најмногу три мандати. Мицкоски беше прашан што се неговите лични намери и разбирања на тоа статутарно решение и дали смета дека треба да се менува.
„Имам два сина, мене ми е ВМРО-ДПМНЕ буквално како трето дете. Но, да, ова е мојот последен мандат како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, доколку ја добијам поддршката од делегатите. И додека јас сум претседател, за тој услов за максимум број мандати што еден претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги има, немам намера да поддржам каква било иницијатива за промена на тој дел од Статутот“, рече тој.


