Мицкоски побара лекарско уверение за Филипче

Пратеници од ВМРО-ДПМНЕ со премиерот си направија муабет за СДСМ, им креираа прашања, им делеа совети, предвидуваа политички сценарија. Премиерот изрази загриженост за раководството на опозициската партија и предложи лекарски прегледи.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги учеа колегите од СДСМ што треба да прашаат на седницата за пратенички прашања, а министрите продолжија со праксата тие да ги прашуваат пратениците од опозицијата наместо да одговараат на нивните прашања. Премиерот Христијан Мицкоски од собраниска говорница побара лекарско уверение за раководството на СДСМ, бидејќи лидерот Венко Филипче на прес-конференции ја лажел и манипулирал јавноста. На седницата за пратенички прашања во фокус беше и албанскиот јазик, но и Министерството за меѓуетнички односи.

Пратеници од ВМРО-ДПМНЕ со премиерот си направија муабет за СДСМ, им креираа прашања, им делеа совети, предвидуваа политички сценарија. Премиерот изрази загриженост за раководството на опозициската партија и предложи лекарски прегледи.

-Ми се чини дека пратеничките прашања се феномен на планетарно ниво бидејќи кога пратениците од опозицијата може да ги прашуваат министрите, нив ги нема во салата, цела влада е пред нив – рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски.

Бојан Стојаноски ВМРО-ДПМНЕ Фото: Принтскрин

Стојаноски рече дека затоа тој ќе го праша премиерот тоа што од прес-конференции го интересира СДСМ, ама во Собранието не прашува. Тој праша за став на премиерот за интервјуто на евроизвестителот Томас Вајц каде СДСМ било фатено во лага и за обвинувањата од опозицијата дека нема напредок за реформската агенда

-Изјавите кои доаѓаат од СДСМ без разлика кој ги испраќа од раководството се збунувачки и чудни, се изјави и прес-конференции кои немаат за цел да ја кажат вистината туку да направат сензација за да растурат пердуви. Во суштина тоа се изјави за ова раководство и по пораз на следни избори да остане раководство. Не им е цел да создадат конструктивна дебата туку да направат внатрешна мобилизација за да останат во живот и по следните избори кои ќе ги изгубат и да опстојуваат на политичка сцена. Тоа го прават методолошки преку лажење дека ќе дојдат мигранти дека државата ќе банкротира… Нека не ве чудат нивните пресови велат ќе ја напуштат работнат група за Изборен законик, други велат ќе го напуштата Собаранието. Еве, го напуштија, има само двајца пратеници во салата. Советувам за политичарите кои се во органите на партиите да се побара лекарско уверение. Од СДСМ во периодот кој ќе следи комуникацијата ќе биде само со една цел – после поразот на парламентарните ибори да останат и да најдат алиби дека изборите не биле фер. Да не ве зачуди може и да не учествиваат на изборите. Но ние не може да им помогнеме, ние треба да се фокусираме на граѓаните – рече Мицкоски.

Христијан Мицкоски Фото: Драган Митрески/Слободен печат

Премиерот додаде дека е загрижен за длабоката психолошка состојба во која се наоѓа СДСМ и рече дека можеби треба да се бара лекарско уверение за поединци од раководството на СДСМ.
Стојановски задоволен од одговорот констатира дека ако порано се вовело лекарско уверение за лидерите на партиите ќе се спасела земјата од штетата шти ѝ била нанесена од претходното раководство на СДСМ, а за Филипче рече дека е надградена врзија на Заев.

Премиерот рече и дека во државата нема противење за употребата на албанскиот јазик и дека сите граѓани се ценат подеднакво, без разлика на етничката припадност. Тој во одговор на пратеникот од ДУИ Блерим Беџети рече дека Владата нема да дозволи, „ситен популизам“ на етнички теми. Тој истакна дека употребата на албанскиот јазик не е спорна, наведувајќи пример од официјален меѓународен настани на кој бил обезбеден превод и на албански јазик иако единствен службен јазик за меѓународна употреба е македонскиот јазик.

-Немам ништо против употребата на албанскиот јазик, дури и се обидувам да го научам. Колку повеќе јазици знаете, толку сте побогати. Луѓето во 21 век на Марс се качија, а вие се обидувате со ситен популизам мислејќи дека ќе добиете некакви поени, а губите, мислите ќе направите нешто за вас и вашата партија, нема, тоа време заврши. Додека мене ме гледате тука, а јас вас ве гледам, ви кажувам – тоа време заврши. Ова е нова Македонија во која секој граѓанин придонесува и се труди за иднината на оваа земја еднакво, а не по етничка основа – рече Мицоски.

Блерим Беџети / Фото: принтскрин

Беџети го праша вицепремиерот Иван Стоилковиќ што направил за имплементацијата на Рамковниот договор и за унапредувањето на меѓуетничките односи, бидејќи приоритет во мандатот му бил издигнување на односите со Република Српска.

-Во ваш мандат на највисоко ниво ги издигнавте односите со Република Српска. Што направивте за имплементација на Охрискиот договор, за унапредување на меѓуетнички односи, колку проекти се спроведени, дали сте министер за односи со Република Српска? Не ве плаќаат да градите политички мостови со Република Српска – рече Беџети.

Вицепремиерот Стоилковиќ му одговори дека две години поставува исти прашања и дека врти исти тези.

-Колку пати треба да одговорам за да успееме да се разбереме. Има изрека која вели дека секој јазик е твој кој не ги загрозува товјте интереси. Не етикетирајте, туку зборувајте со јазик со кој може да се изгради доверба. Да ги посетиме сите простории во министерството и да видите дека ниеден Албанец не е помрднат од работното место, дека никој од времето на Груби не е тргнат. Или најлесно е да го обвините Стоилковиќ оти јазикот на омраза, пред се кон Србите ви е секојдневие. Знаете дека влегов во најцрната институционална дупка во Македонија кога стапив на функција во министерството, таму каде немаше ниедно правило. Знаете дека има преку 20 кривични пријави, а криминалот таму е верифициран и од Државниот завод на ревизија. И доста со тоа дека сум пријател со Додик. Тој отиде на месечината, вие не мрднавте од место. Томас Вајц вели дека има напредок во правата за малцинствата. Што сакате да кажете дека Вајц нема појма, дека вие знаете? Време е да се трансформирате. Знам што ве боли – го изгубивте седиштето на паралелна Македонија, таму каде ги носевте сите одлуки, но јас не можам да ви помогнам – рече Стоилковиќ.

Иван Стоилковиќ / Фото: Фејсбук

Беџети одговори дека не е задоволен од одговорот и дека не му треба помош од Стоилковиќ.

-Не сте единствен што споменува кривични пријави, мислите дека ќе не упалшите. Знаете каменот се враќа назад и може во глава да ве удри. Ова не е ништо лично туку принципиелно. ВМРО-ДПМНЕ ви ги даде надлежностите но ништо не реализирате од Рамковниот договор. Не се вознемирувајте – рече Беџети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот