МИ5 прогласи „црвена“ терористичка тревога во Северна Ирска

Полицаец покрај графит „ЦИРА сѐ уште е во војна“ во Белфаст - Фотографија ЕПА

Британската агенција за контраразузнавање го крена од „значително“ на „високо“ нивото на терористичка закана во Северна Ирска, што значи дека е мошне веројатен напад деновиве.

Британскиот секретар за Северна Ирска, Крис Хитон-Харис, писмено ги известил пратениците во Лондон за тревогата, а на граѓаните им порачал „да не се вознемируваат, но да останат претпазливи“.

Тревогата од МИ5 се поврзува со атентатот врз високиот полициски детектив Џон Колдвел, кој сѐ уште е во критична состојба. На 22 февруари во Омах детективот Колдвел бил застрелан од маскирани вооружени лица додека го чекал синот од фудбалски тренинг. Одговорноста атентатот врз детективот, како и за бомбашкиот напад во Страбејн во ноември, ја презеде одметнатата републиканска група Нова ИРА. Приведени се 13 лица, но никој не е обвинет.

– Во изминатите 25 години Северна Ирска се трансформираше во мирољубиво општество. Договорот од Белфаст демонстрира колку е полезна за општеството мирољубивата и демократската политика. Сепак, мал број луѓе се решени да им наштетат на нашите заедници преку акти на насилство со политички мотиви. Во изминатите неколку месеци сведоци сме на кревање на нивото на активности поврзани со тероризам, при што целите се полициски офицери што им служат на своите заедници, а загрозени се и децата и други членови на заедницата. Ваквите напади немаат поддршка, за што сведочат реакциите на одвратниот обид за убиство на детективот Колдвел – наведува Хитон-Харис во писмото до пратениците.

Пред неполна година нивото на терористичка закана во Северна Ирска беше спуштено првпат по 12 години откако стивнаа активностите на Нова Ира. Во 2019 година беше убиена новинарката Лира Мекки, а во 2012 и во 2016 година беа убиени затворските стражари Дејвид Блек и Адриен Исмеј. Групата Нова Ира е формирана во 2012 година, со спојување на две дисидентски групи од поранешната Ирска републиканска армија. Арм на поблахт (Армијата на републиката), друга група што досега не била активна, пред неколку недели се закани дека за своја цел ќе ги смета и полициските офицери и нивните семејства.

Мишел О’нил, лидерката на пратеничката група на Шин фејн во Стормонт, изјави дека „во модерното демократско општество нема место за паравоени групи: „Тие мора да заминат!“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот