МФ: Вработените во ДИЦ правото на плата го остваруваат согласно Законот за административни службеници

Министерство за финансии - зграда / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Министерството за финансии по повод штрајкот на вработените од Државниот испитен центар (ДИЦ), со кој бараат зголемување на платите, вели дека Владата воспоставила системско решение со кое се овозможува континуиран раст на платите на сите вработени во јавниот сектор.

-Имено сите вработени во администрацијата, вклучително и вработените во Државниот испитен центар, имаат статус на административни службеници и правото на плата го остваруваат согласно Законот за административни службеници, со кој се воспостави системот за раст на платите, велат од Министерството за финансии.

Продолжува генералниот штрајк на синдикатот на Државниот испитен центар

На денешната прес-конференција на Синдикатот на ДИЦ, претседателката Емилија Бошковска изјави дека во последните седум месеци се обидувале преку индиректни преговори со Министерството за финансии и Министерството за образование и наука како посредник, да се изборат за своите права, но сите барања им биле одбиени. Според Бошковска, Министерството за финансии се повикува на Законот за административни службеници, кој сè уште не е изгласан и како што вели таа, им било ветено дека кога ќе биде донесен законот, вработените во ДИЦ ќе бидат дел од него.

 Нашите барања беа да имаме минимум колку што има наставник ментор. Значи наставник ментор е како кариерен развој кај наставниците и она што го имаме доставено како допис и до МФ и до МОН, е извештај добиен од Светска банка којшто кажува дека ДИЦ е клучна институција во којашто е зголемен обемот на работа и тоа се околу 40 проценти, а намален е бројот на вработени за околу 50 отсто. исто така, нема да може да се пополнат тие места сè додека платата на советниците кои се во ДИЦ е помала од онаа на наставниците. Следните вработувања треба да произлезат од редот на најискусните и најдобрите наставници, а тие имаат сега поголема плата од нас. Тука се наруши нешто што отсекогаш било некоја пракса – вели Бошковска.

Таа додава дека од Министерството за финансии инсистирале тие да влезат под законот за административни службеници, а Синдикатот го адаптирал Колективниот договор согласно закон, но и тој им бил одбиен.

Во преговорите во август инсистираа дека треба да влеземе во Законот за административни и покрај тоа што сме ние јавна установа која има свој колективен договор – вели претседателката на Синдикатот.

Разликата во платите на наставниците и вработените е во ДИЦ е околу 20 проценти, а станува збор за околу 26-27 вработени.

Продолжува генералниот штрајк на синдикатот на Државниот испитен центар

Од 11 декември Државниот испитен центар повторно го продолжија штрајкот, откако го прекинаа во мај годинава за да излезат во пресрет на матурантите.

Овој пат, поради штрајкот, 700 приправници, наставници и стручни соработници нема да можат да го полагаат стручниот испит. Штрајкот на вработените ќе влијае и на државната матура, бидејќи од 1 јануари треба да започнат процедурите за пријавување и внесување на предмети што треба да ги полагаат учениците, но ќе се доставуваат и прашањата за матура, а координаторите на ДИЦ нема да ги прифаќаат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот