„Мерко не се меша“ – градоначалникот на Струга тврди дека не се пазарел со власта
Рамиз Мерко остро ги демантира шпекулациите дека се испазарил со ВМРО-ДПМНЕ за поддршка на Менди Ќира во Струга, велејќи дека нема никакви тајни договори и дека „Мерко веќе не се меша во изборите“.
„Лаги и шпекулации. Мерко си седи на страна и не се меша во никакви избори“. Ова за „Слободен печат“ го изјави градоначалникот на Струга во заминување Рамиз Мерко, за кого во изминатите денови се појавија информации дека наводно се испазарил со ВМРО-ДПМНЕ за влез во Владата во замена за поддршка на независниот кандидат Менди Ќура во Струга зад кој застана Вреди, а поддршка за него даде и партијата на Христијан Мицкоски, која не номинираше свој кандидат во градот на поезијата.
Препорачано
– Ништо од тоа што го објавија медиумите за некаков пазар и за некаква амнестија не е точно. Јас немам никаков контакт со ВМРО-ДПМНЕ и не сум се пазарел за никакви функции во замена за поддршка на локалните избори во Струга. Ви велам, јас сум веќе надвор од играта и одлучив веќе да не се мешам. Но, очигледно некои политички партии имаат интерес да пласираат невистини во јавноста со цел да постигнат некаков резултат. Не би знаел во која партиска кујна започнале да се готват лагите за мене, но ќе повторам: Мерко веќе не се меша! – ни изјави актуелниот градоначалник на Струга.
Шпекулациите за евентуален пазар помеѓу Мерко и ВМРО-ДПМНЕ почнаа да се интензивираат веднаш по неговата изјава во неделата дека нема да го поддржи Арсим Далипи, кандидатот на Националната алијанса за интеграции (НАИ) за градоначалник на Струга. Ваквиот негов потег очигледно отвори простор за нови толкувања и сомнежи, особено откако дел од медиумите цитираа извори блиски до Мерко дека тој веќе постигнал неформален договор за поддршка на кандидатот Менди Ќира.
„Денес ви се обраќам директно и со најголема сериозност за да ги уништам веднаш новите шпекулации и измислени гласини што имаат за цел да ја поткопаат вашата доверба. Се шират гласини дека јас, Рамиз Мерко, ќе го поддржам кандидатот на НАИ во вториот круг. Сакам јасно да нагласам: јас, Рамиз Мерко, не го поддржувам кандидатот на НАИ на изборите. Не дозволувајте никој да ве збунува. Верувајте само на официјалното соопштение на Независната листа“, напиша Мерко на Фејсбук.
Во првиот круг, Ќира освои 9.934 гласа – бројка поголема од збирот на гласовите на листите на ВМРО-ДПМНЕ (5.749) и Вреди (4.059), што упатува дека дел од гласовите дошле и од други политички структури или неформални мрежи на влијание.


