Меркел: Пандемиската ситуација во Германија е драматична, потребни се нови мерки

Ангела Меркел со заштитна маска
Ангела Меркел со заштитна маска / Фото: EPA-EFE/FILIP SINGER / POOL

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска ја нарече драматична актуелната епидемиолошка состојба во Германија и побара од идната влада да ја продолжи епидемиолошката вонредна состојба, што дава правна основа за воведување мерки против пандемијата.

– Актуелната пандемиска ситуација во Германија е драматична. Четвртиот бран со полна сила ја погодува нашата земја, рече премиерката на техничката влада Ангела Меркел, обраќајќи им се на учесниците на конференцијата на Сојузот на германските градови преку видеоврска.

Меркел, која ќе ја извршува функцијата канцелар до инаугурацијата на новата влада, од утрешната средба очекува воведување на индексот на оптоварување на болниците како нов показател за воведување мерки.

Таа апелира и до новото мнозинство во Бундестагот да не ја укинува т.н. епидемиолошка вонредна состојба, мерка воведена на почетокот на годината која им овозможува на федералните власти да воведат мерки против пандемијата кои важат во сите сојузни држави.

Новата веројатна идна влада на СПД, Зелените и Либералите следната недела, според најавите, ќе ја укине ваквата состојба и како замена ќе воведе промена во законот за борба против инфекции, со што би се овозможило воведување поблаги мерки.

Воедно, Постојаната комисија за вакцини најавува усвојување препорака за дополнителна вакцинација на т.н. „бустер”, за сите граѓани над 18 години.

Здруженијата на лекари се противат и бараат да се одредат приоритетни групи, посочувајќи дека голем дел од лицата постари од 60 години се уште не ја примиле дополнителната вакцина.

Државниот епидемиолошки институт „Роберт Кох” во средата повторно постави нови рекордни вредности со 52 826 новозаразени. Според Институтот, има 13 150 случаи повеќе од пред една недела.

Седумдневната инциденца се искачи на рекордно високо ниво од 319,5.

Во земјата починаа уште 294 лица, а вкупниот број починати од последиците на инфекцијата се зголеми на 98 274.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот