Фото: ЈП „Паркови и зеленило“

Мега парк ќе се гради во Топанско Поле, Град Скопје ќе помогне со 10 милиони денари

Уште еден мега парк ќе се гради во Скопје, овој пат во општина Чаир, за чија изведба Град Скопје ќе потроши 10 милиони денари. Советниците од градскиот Совет на последната седница изгласаа одлука за воспоставување меѓуопштинска соработка помеѓу Градот и Општина Чаир за партерно уредување, изработување на проектна документација, расчистување на теренот и изградба на пешачки површини, спортски игралишта и паркова површина која е планирана да се изведе покрај улицата Македонско – косовска бригада.

Градот Скопје во остварувањето на оваа соработка ќе учествува со средства во висина од 10.000.000,00  денари, со вклучен ДДВ, обезбедени од Буџетот на Град Скопје за 2023 година, од подпрограма ЈДА 482. Општина Чаир во остварувањето на оваа соработка ќе учествува со решавање на можните имотно-правни спорови и издавање за сите потребни дозволи пред започнување на изведбата – прецизирано е во донесената одлука.

Градежните работи и раззеленувањето на просторот ќе го изведат јавните претпријатија „Улици и патишта“ и „Паркови и зеленило“.

 Овој мега-парк доаѓа како меѓуопштинска соработка меѓу општина Чаир и Град Скопје, кој за овој проект од сопствениот буџет обезбеди 10 милиони денари. Мега-паркот ќе биде на улицата Митатх Фрашери, во населбата Топанско Поле. Овој мега-парк беше меѓу моите приоритети и барања и на општината што ја водам како голем проект за нашите сограѓани и денес стана реалност – напиша во објава на Фејсбук градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот