Меџити: Со АА во власта ќе се спасува Груби – бркаме 80 гласови, а може да останеме без мнозинство од 61

Изет Меџити, ДУИ, Фото: Слободен печат/Архива

Изет Меџити, неформалниот предводник на т.н. „огнена група“ во владејачката ДУИ, за „Фокус“ открива дека се сретнал со премиерот Димитар Ковачевски, кому му порачал дека членовите на групата се „најсигурни во поддршката на стратешките ориентации на владата“.

Пратеникот и потпретседател на ДУИ смета дека не држи тезата оти е неопходно влегувањето на опозициската Алијанса за Албанците на Арбен Таравари во власта, за да нема предвремени парламентарни избори.

Според него, избори пред редовниот термин нема да има ниту без Алијанса во владата, бидејќи, како што истакнува, никој од парламентарното мнозинство не планира да ги предизвика и на тој начин да ги загрози стратешките процеси.

„Ние ја спасивме оваа влада и ова што се случува во ДУИ е принципиелна внатрешна борба. Со дебата може да се стабилизира парламентарното мнозинство, а не да се загрози. Кога ние не доаѓаме во Собрание тоа е последица, а не е причина. Причината е Артан Груби“, вели Меџити.

Тој вели дека иако во ДУИ неодамна се екипираа партиските органи, при што „огнените“ добија високи партиски функции, не се води суштинска дебата и нема отчет на владините министри на ДУИ, на чело со првиот вицепремиер Груби. Со дискусија во ДУИ ќе се стабилизира мнозинството, додека со Алијанса не се решава проблемот, вели Меџити.

„Ако Алијанса влезе во владата, во најдобра варијанта сме на нула, бидејќи во таков случај се губат исто толку пратеници колку што ќе влезат. Плус, ќе се отворат внатрешни процеси и во други партии, вклучително и во Алијанса. На овој начин, со цел да се спаси Груби преку Алијанса, наместо да бркаме 80 може да загубиме мнозинство од 61 пратеник“, порачува тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот