ВИДЕО | Мицкоски: Историска победа на народот, време е ДУИ и СДСМ да одат во опозиција

Христијан Мицкоски/ Фото „Слободен печат“, Драган Митрески

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва на прес-конференција порача дека ова е историска победа на народот, а ДУИ и СДСМ треба да одат во опозиција. Тој рече дека го памети секое ветување и со сите сили ќе се обиде да не го разочара народот.

– Историска победа на народот. Победи Македонија која е на Македонците, Албанците, Турците, Србите, на Власите, христијаните, муслиманите, атеистите, на гордиот народ. Падна владата, и има причина за тоа. Криминалот, корупцијата, одземената држава, тендерите, непотизмот, и уште 100 други последици кои направија државата да страда, а народот да е разочаран. Вечерва конечно се поразени, додаде тој.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека се поразени предавствата и поделбите.

– Оние стотина луѓе од ДУИ и СДСМ кои мислеа дека се господари на нашите животи. Нив денеска ги боли главата, има и зошто. Ќе одговараат до последниот, секој кој направил криминал и спровел корупција. Мора да има одговорност која ќе се темели на правда и закони. Поразен е и бојкотот на ДУИ. Ова на нашата победа ѝ дава посебно задоволство. Народот покажа дека нема да дозволи поединци да создаваат кризи и преку институции да се штитат себе си. А ДУИ покажа дека се партија која најмалку се грижи за Македонија, и се им се удри во глава. Време е со СДСМ да одат во опозиција. Народот им одржа лекција и си ја врати државата. Македонија ќе има иднина која ќе се темели на вредност и надеж. Вечерва има причина за славје. Го паметам секое ветување, и ќе дадам последен атом од моите сили да се оствари и да не го разочараме народот. Вечерва се покажа дека нема Македонија на ДУИ, нема Македонија на СДСМ, ниту на ВМРО-ДПМНЕ, или која било политичка партија, има само една вечна, независна и слободна Македонија, порача Мицкоски.

На прашањето дали разговарал со албанската опозиција, Мицкоски изјави дека вечерва се слушнал со Биљал Касами кој ја честитал двојната победа, и потврди дека што поскоро ќе формираат коалиција.

За тоа дали ќе има и евентуална коалиција со ЗНАМ или Левица, тој посочи дека ќе разговараат со сите опозициски партнери, но не значи дека сите ќе бидат дел од Владата.

– Главниот и основен принцип е темелната вредност на едно општество – да се почитува граѓанинот, заклучи тој.

Најави дека ќе формираат влада во најкус можен рок и им порача на граѓаните во првите 100 дена да очекуваат многу добри вести за македонската економија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот