Маж успешно излекуван од ХИВ, трет пациент во светот

Фото: Pix4free

Уште еден огромен успех на научниците, со трансплантација на матични клетки успешно е излекувана ХИВ-инфекција.

Мажот, наречен „пациентот од Диселдорф“, кој е трет случај од ваков вид, успешно е излекуван од ХИВ-инфекција, по ризичната трансплантација на матични клетки за лекување на леукемија, објавија во понеделникот група научници. Педесет и тригодишниот пациент веќе четири години не прима антиретровирусни лекови, што вклучува земање лекови за уништување на вирусот, и нема рецидив, пишува „New scientist“.

„Човекот нема знаци на активна инфекција четири години откако престанал да зема антиретровирусни лекови. Не мислиме дека има присутен функционален вирус“, рекол Бјорн Јенсен од Универзитетската болница во Дизелдорф.

Исто како и во случајот со другите двајца пациенти (берлинскиот пациент и лондонскиот пациент), трансплантацијата е направена поради лекување на акутно нарушување на крвта, во неговиот случај леукемија, која се развила покрај ХИВ-инфекцијата.

Пациентот е во добро здравје, по речиси 10 години од трансплантацијата на матични клетки од несроден дарител и повеќе од четири години, од прекинувањето на терапијата за ХИВ-вирусот. Матичните клетки се од несроден донор, со ретка мутација на генот CCR5, за кој се смета дека го спречува ХИВ-вирусот да влезе во клетките.

„Сѐ уште многу добро се сеќавам на реченицата на мојот лекар: ‘Немој ова толку тешко да го прифаќаш, заедно ќе доживееме да се излекуваш од ХИВ’“, изјавил мажот кој ја добил дијагнозата во 2008 година.

Со оглед на тоа што тогаш не верувал во изјавата на својот лекар, сега вели дека е исклучително горд на тимот од светски лекари, кои успеале да го излекуваат од ХИВ, а воедно и од леукемија.

„Оваа година, на ‘Свети Валентин’ прославив 10-годишнина од трансплантацијата на матични клетки, а мојот донор беше и мој почесен гостин“, изјавил пациентот излекуван од ХИВ. Тој решил да ја сподели својата приказна со јавноста, со цел да собере средства за научни истражувања и да се бори против стигматизација на ХИВ-вирусот.

Фактот дека вирусот не се вратил е резултат на исклучително темелна, научна и тераписка подготовка и следење на случајот, велат научниците, и додаваат дека студијата која ја направиле е најдолгото и најпрецизно следење на пациент со ХИВ по трансплантација на матични клетки.

Трансплантацијата на матични клетки, вклучува уништување на сите заразени крвни клетки, и нивна замена со здрави матични клетки од крв или коскена срж. Меѓународниот тим предводен од стручњаци од Универзитетската болница во Диселдорф, се надева дека знаењето кое го стекнале, ќе биде појдовна точка за планирање на идните студии за лекување од ХИВ.

Со години, антиретровирусна терапија (АРТ) се дава на лица со ХИВ со цел да се намали вирусот на речиси незабележливи нивоа и да се спречи неговото пренесување на други луѓе. Но, имунолошкиот систем го држи вирусот затворен во резервоари во телото, и ако поединецот престане да зема АРТ, вирусот може да почне да се реплицира и да се шири.

Вистинскиот лек би го елиминирал овој резервоар, а ова се чини дека се случило со најновиот пациент, чие име не е објавено. Човекот, кој се нарекува „пациент од Диsелдорф“, престанал да зема АРТ во 2018 година и оттогаш останал без ХИВ, пишува магазинот „Nature“.

Повеќе од 40 милиони луѓе починаа од сида откако почна епидемијата во раните 1980-ти, а првиот човек кој официјално беше излекуван од ХИВ во светот беше Тимоти Реј Браун, кого истражувачите го нарекоа „Берлински пациент“.

Останатите тројца пациенти се „Лондонски пациент“, „Град на надежта“ и „Њујорк“ и сите се излекувани во 2022 година. Сите четворица биле подложени на ист третман – трансплантација на матични клетки, трансплантација на коскена срцевина. Примателите добиле матични клетки кои развиле отпорност на ХИВ вирусот со мутација која го брише протеинот што вирусот вообичаено го користи за да влезе во клетките.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот