Матни патни трошоци за пратеници, Левица предлага кратење на привилегиите на народните избраници
Според законот, пратениците земаат пари за амортизации и за патарини како да возат на керозин, а не на бензин, а доволно е да земаат според пазарната цена на 6,5 литри на секои 100 км. Платите на функционерите се доволно големи за да ги покријат овие трошоци, велат од Левица, единствените во Собранието што не ги користат овие привилегии
Ограничување на парите што пратениците ги добиваат за патни трошоци предлага пратеничката група на Левица и со моделот што го нуди смета дека драстично ќе се намалат сумите што Собранието им ги исплаќа на народните избраници. Предлогот е патните трошоци да се пресметуваат спрема пазарната цена на 6,5 литри на секои изминати 100 километри, а не како што е – според актуелниот Закон за пратеници – кој предвидува надоместокот за користење автомобил во лична сопственост за службени цели во висина од 20 отсто од продажната цена на еден литар гориво, според изминатиот километар за возилото што се користи.
Според првичните неформални реакции на парламентарните партии, тешко дека ќе помине предлогот на Левица.
Препорачано
Иако во актуелниот закон не е стриктно наведено, предвидено е пратениците да земаат пари за амортизација на сопствените возила со кои доаѓаат на работа, како и за патарини. Пластично објаснето, ова значи дека ако пратеник извози 400 километри во двата правци за да дојде на собраниска седница и за да се врати во местото на живеење и ако бензинот е 80 денари за литар, тој добива 20 отсто од литар бензин, односно 16 денари или за 400 километри дневно зема 6.400 денари, плус пари за патарини.
Според Левица, со измените на законот ќе се намалат неоправданите привилегии што ги уживаат пратениците, наспроти другите работници.
Пратеникот Амар Мециновиќ на прес-конференција изјави дека веќе ги поднеле измените на Законот за пратеници и дека Левица како антиестаблишмент партија бара кратење на овие функционерски привилегии, почнувајќи со ограничување на сумите за патни трошоци на пратениците.
– Ние не земаме ниту ќе земеме патни трошоци и сметаме дека е неопходно мнозинството да усвои рационален закон за нивно ограничување. Имено, познато е дека патните трошоци се злоупотребуваат од функционерите и ова создава неверојатна фрустрација кај граѓаните. Нашиот предлог е патните трошоци да се пресметуваат спрема пазарната цена на 6,5 литри на секои изминати 100 км – рече Мециновиќ.
Оттаму сметаат дека со овој предлог се нуди поприфатливо и пореално решение за патните трошоци, кое ќе биде прифатливо за целиот Парламент и ќе стави крај на астрономските суми кои пратениците ги земаат од државниот буџет.
– Според законската регулатива, всушност, пратениците сега земаат пари за амортизации, за патарини, земаат пари практично како да возат на керозин, а не на бензин. Така што, едноставно со интервенција во Законот за пратеници треба да се стимулира многу експлицитно само 6,5 литри на изминати 100 км, ниту амортизации ниту цифри што пратениците би ги измислувале. Сметаме дека тоа е доволно, затоа што ние не земаме патни трошоци не затоа што сме будали, туку затоа што сметаме дека платите на функционерите се доволно големи за да ги покријат овие трошоци, а знаеме дека мнозинството нема да го прифати ако го предложиме во минатата форма, како што беше во минатиот мандат, каде што всушност сакавме да го изедначиме со една автобуска карта. Значи, тоа е модел што за нас е прифатлив, но затоа што мнозинството најверојатно не би го прифатило тој предлог, ние нудиме рационално и прифатливо решение за ова, затоа што фрустрацијата на граѓаните е јасна и мора веднаш да се реагира – рече Мециновиќ.
Тој додава дека во предлогот не се опфатени кириите туку само патните трошоци, бидејќи, како што вели, најмногу злоупотреби има кај нив. Според него, во моментов многу пратеници постапуваат вешто и креативно, па половина година земаат патни трошоци, а половина година кирија за, како што вели, кога ќе дојдат пресметките за патни трошоци да не се најдат во врвот од 10 функционери што го прават тоа. Тој вели дека не знае дали предлогот ќе го прифатат колегите од другите партии, бидејќи не ги комуницирале.
– Ќе ви кажам интересна работа, нашите колеги пратеници повеќе се навредуваат кога ги напаѓаме за патните трошоци отколку ако им кажеме дека се слуги на олигархијата. Всушност, нема што со нив да комуницираме, само преку јавен притисок и артикулирање на оваа тема може да се постигне некое решение – смета Мециновиќ.
Тој посочува и дека пратениците од Левица што доаѓаат надвор од Скопје, како Струга и Гевгелија, киријата сами си ја плаќаат.
Левица веќе објави дека за патни трошоци веќе се исплатени 300.000 евра за изминатата 2024 година, односно збирно и за претходниот и за актуелниот пратенички состав. Според податоците на Левица за 2023 година, пратеници зеле околу 280.000 евра за патни трошоци.
– За време на мандатот на претходниот собраниски состав, пратениците инкасирале над еден милион евра. Расфрлањето со народни пари за претходните години изгледа вака:
за 2019 година исплатен износ од 390.993 евра; за 2018 година 522.930 евра; за 2017 година исплатен износ од 512.000 евра; за 2016 година исплатен износ од 698.797 евра; и за 2015 година 770.883 евра. Покрај злоупотребата на патните трошоци (гориво, патарини, амортизација), добар дел од пратениците наплаќале кирии во висина од 400 евра месечно. Дел од нив наплаќале за кирии и покрај тоа што поседуваат станови во главниот град – објави Левица на Фејсбук.
Ниту една од парламентарните партии не го коментира предлогот на Левица со образложение дека прво треба да го разгледаат, па да изградат став. Од СДСМ велат дека треба да се намалат патните трошоци на пратениците, но и на други избрани и именувани функционери.
– Поднесениот закон СДСМ ќе го разгледа доколку нуди издржано системско решение за реално намалување на трошоците. И СДСМ изразува подготвеност да го поддржи – велат од партијата на Венко Филипче.
Пратеникот од Вреди, Халил Снопче, изјави за „Слободен печат“ дека тој би се откажал од патните трошоци ако Собранието заседава во Гостивар, од каде што е пратеникот.
Рекордери во регионот
Историско-компаративната анализа за просечните исплатени патни трошоци за пратеник направена за регионот на Југоисточна Европа и Западен Балкан (Македонија, Словенија, Бугарија, Хрватска и Косово) за периодот од 2010 до 2016 година говори дека македонски пратеник просечно земал вкупна сума од околу 40.000 евра патни трошоци, сума што е за 4.000 евра повисока од сумата што му е исплатена на пратеник во Словенија; 21.000 евра повисока од таа што е исплатена на пратеник во Бугарија; 28.000 евра повисока од сумата по пратеник во Хрватска и 34.000 евра повисока од сумата што му е исплатена на пратеник во Косово.


