Марјан Доказ иако нема доверба во државното здравство, преноќил во ГОБ „8 Септември“ поради срцеви проблеми

Фото: МИА

Марјан Стаменковски, сопственик и уредник на порталот „ДоказМ“ ноќта ја поминал во ГОБ „8 Септември“ поради влошена здравствена состојба. Директорот на оваа здравствена установа д-р Кристијан Костов за „Слободен печат“ вели дека пациентот чека испитувања и дека имал проблеми со срцето.

-Станува збор за срцева слабост, но пациентот е подобар, вели доктор Костов.

Директорот на КПУ Затвор „Скопје“ Филип Андов објаснува дека поради тоа што на Стаменковски му се слошило доцна во ноќта кога домскиот лекар не бил на работа, била повикана брза помош по чија препорака Стаменковски бил префрлен во болница. Андов ги отфрла обвиненијата кои сопругата на Стаменковски ги пласираше преку дел од медиумите неодамна, а според кои наводно тој бил третиран несоодветно. Куќниот ред, како и сите права на притвореникот според Андонов се неповредени. На Стаменковски му се дозволуваат и тој остварувал посети и со адвокат и со членови од семејството.

-Третманот за сите е ист и куќниот ред за сите е ист, па така и за осомниченото лице. Во петокот се пожали на болки во градите и беше повикана брза помош. Пренесен беше во Клинички центар „Мајка Тереза“ на кардиологија каде му биле правени првичните испитувања. Во саботата требаше да е хоспитализиран таму, ама одби и ја напуштил болницата со свој потпис. Сакал да оди во приватна клиника. Од болницата му дадоа терапија и откако беше вратен во затворот му беше дадена терапијата за дијабетес. Но, во неделата повторно се пожали и со брза помош е однесен во ГОБ „8 Септември“ и таму е задржан, вели Андов во изјава за „Слободен печат“.

Тој додава дека Стаменковски досега немал инциденти со други затвореници ниту со лицето со кое делат ќелија.

– Максимално ги отфрлам наводите на нечовечки третман затоа што лицето се нема пожалено ни до мене ни до судот за такво нешто и ги има сите поволности кои му следуваат како притворено лице, додаде Андов.

Марјан Стаменковски сопственикот на порталот „ДоказМ“ е обвинет за неколку кривични дела и е во притвор додека трае судењето.

Против него има обвинение за ширење расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем, уцена, пиратерија и злоупотреба на лични податоци. Обвинителството ги собираше пријавите во текот на подолг временски период и секоја од нив доаѓала од посебни субјекти кои биле таргетирани од Стаменковски. Еден од пријавителите навел дека Стаменковски го уценувал да му даде пари, а во спротивно му се заканил дека ќе објави информации штетни по угледот на лицето. Кога полицијата на 9 февруари годинава влезе во станот на Марјан – Доказ, најде 90 илјади евра, пари за кои уште се утврдува дали се стекнати со кривично дело. На обвинетиот одземени му беа и мобилен телефон и лаптоп за вештачење.

Од вештачените материјали се очекува да станат евидентни и нарачателите на текстовите и содржините кои беа објавувани на порталот „Доказ“ а кои целеа на дискредитација, навреди, клевети, изнесување лични и семејни прилики на личности од јавниот живот, кои честопати беа портретирани со навредлив вокабулар, со понижувачки и вулгарен наратив, а сето тоа со години поминуваше неказнето.

Оштетените кои решаваа да го гонат Стаменковски за клевета и навреда по приватни тужби не успеваа да ги наплатат оштетните побарувања, а најчесто Стаменковски осудуван беше во отсуство, бидејќи судските покани не му беа врачувани бидејќи доставувачите не успеваа да го најдат. Наплатите не беа реализирани поради тоа што наводно Стаменковски немал трансакциска сметка, па затоа според наши информации веќе го бркаат извршители за наплата на долгови на оштетени од правосилни пресуди за клевети и навреди.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот