Маријана Новачевска: Дојдов да го видам болниот татко, овој немил настан го наруши нашиот мир

Маријана и Росана/ Фото: Приватна архива

По неполни четири години, Маријана Новачевска, сестрата близначка на Росана Сариќ- Тодоровска која повеќе од 30 години живее во Австралија, е повторно дома, во Македонија.

Маријана долги години не се занимава со музика јавно, но често знае да запее за своја душа, и тоа да го сподели со пријателите на социјалните мрежи. Редок феномен е што публиката никогаш не ја заборави, а нејзиниот глас ги има истиот квалитет и топлина како во времето кога со сестра си беа дуото Маријана и Росана.

Маријана Новачевска/Фото: Приватна архива

Маријана избегнува да дава изјави за медиумите, но за „Слободен печат“ ја раскажа главната причина зошто е дојдена во Македонија, а тоа е нејзиниот татко кој во моментов, за жал, има здравствени проблеми.

– И покрај тоа што за 25 години никогаш не сум дала интервју, овој пат сакам да кажам дека сум овде најмногу за да си ги видам моите најмили родители, семејството на сестра ми и моите внучиња Ноах и Матео. Но, пред сѐ, да бидам покрај нашиот татко кој веќе неколку месеци има здравствени проблеми, и еве како еден немил настан може да ги наруши нашиот мир и спокој. Се надевам дека со Божја помош ќе го надминеме овој проблем – вели Маријана и додава:

– Кратко е времето да ги исполниме сите желби и очекувања до нашата публика од нас, ги молам сите за разбирање и воедно им благодариме на сите што ни изразуваат поддршка, љубов и почит. Се надевам дека на следното мое доаѓање повеќе ќе се дружиме – ни изјави Маријана.

Маријана во Мелбурн работи како медицинска сестра на Клиника за стоматологија.

На Фејсбук, таа е една од најведрите личности, и често споделува шеговити видеа и фотографии со оригинални описи, а најчесто се однесуваат на здравата исхрана и на физичката активност.

Маријана и Росана/ Фото: Приватна архива

Инаку, во далечната Австралија често се дружи со пејачката Татјана Лазаревска и нејзиното семејство.

Маријана е горда мајка на Магдалена и на Филип, и среќна баба на Ива, ќерката на Филип и снаата Анастасија.

Маријана со сестра си Росана и со внуката Ивана/Фото: Приватна архива

И нејзината сестра Росана е пресреќна што е повторно со својата втора половина, како што знае да ја нарече сестра си. Росана ги одбројуваше деновите до доаѓањето на Маријана на Фејсбук, сѐ додека на крајот од минатиот месец, близначките кои ги испејаа легендарните „Признавам“, „Стој“, „Едно срце“, повторно се прегрнаа.

Овие хитови, за нив ги напиша Тоде Новачевски, познатиот композитор кој минатата година, за жал, почина, по неколкугодишна битка со ракот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот