Цаца Николовска: Судењето за „Пулс“ е тест што ќе трае долго време
Првата македонска судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска смета дека судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“, ќе биде тест што ќе трае долго време и нема брзо да се заврши.
Препорачано
– Да почекаме и да веруваме, а јас се надевам дека и сите ќе сакаат колку е можно оваа трагедија на еден најтранспарентен начин да се расчисти. Ако ништо друго барем за родителите кои ги изгубија своите најмили. Тоа секако не е утеха, но ќе покажеме дека државата сака нешто да направи, иако има многу грешки, за да овозможи тие емоции да стивнат – изјави Николовска во 24 анализа.
Никој не знае колку ќе трае овој процес – ќе направиме сè да тече непречено, рече судијката Илиевска
Таа смета дека државата преку судството се обидува да ја донесе правдата таму каде што треба.
– Обвинителството решило да тргне со собирање на сите личности во еден предмет. Како тоа ќе се изведува, треба да видиме – порача таа.
Во судницата во Идризово утрово започна едно од најголемите судења за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кога на 16 март годинава загинаа 63 луѓе, меѓу кои и деца, а околу 200 беа повредени.
Случајот опфаќа 38 обвинети – 35 физички и три правни лица кои се товарат за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив има сопственици на локали, управители, инспектори, поранешни градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници.
Правдата за Кочани е нужна заради спас на вербата во државата


