марш за ангелите фото: Слободен печат/Драган Митрески

Правдата за Кочани е нужна заради спас на вербата во државата

И најголемата судница во земјава во Идризово ќе биде претесна денеска за да ги собере 35-те обвинети, но и адвокатите, обвинителите, блиските на жртвите и претставници на јавноста, која веќе осум месеци чека да слушне нешто што барем малку ќе ја задоволи жедта за правда за незапаметената кочанска трагедија во која згаснаа 63 млади животи, а повеќе од 200 се повредени. Обвинети се и три фирми.

Судијката Диана Груевска-Илиевска, која ќе претседава со Судечкиот совет, ќе ја има една од најтешките задачи – да ја увери јавноста дека судењето кое, во секој случај, ќе биде траорно, мачно и долго, ќе биде правично и транспарентно.

– Точно е дека Судот е независен, нема да подлегне на секојдневните притисоци и интереси. За процесот на известување се обезбедени сите потребни услови. Како претседател на Судот ќе се залагам процесот да биде јасен, предвидлив и достапен за граѓаните, затоа и ќе се потрудиме да обезбедиме максимална транспарентност – уверува претседателката на Кривичниот суд, Даниела Димовска.

Судот ќе биде прв на тест на јавноста дали ќе ја премине линијата меѓу утврдување на вистинската одговорност наспроти „жедта за крв“, односно дали ќе донесе аргументирана судска одлука што ќе одговори на очекувањата и на јавноста и на правната фела.

– Со таков исход, правдата повторно ќе им биде ускратена токму на оние што ја бараат со најголема причина. Поради ова, потребно е судството да ја применува правдата доследно, а не популистички. Обвинителството мора да разликува морална од кривична одговорност, односно апстрактна наспроти конкретна причинско-последична врска. Јавноста треба да продолжи да бара одговорност, но не преку спектакуларни пресуди во емотивно наелектризирани случаи, туку преку фер судски постапки, јасни обвиненија и аргументирани судски одлуки што ќе го издржат тестот на јавна и правна дебата. Во спротивно, правдата станува само симболичен обид за пресметка со неуспесите од минатото, а таквата правда не може да изгради доверба во судскиот систем и да го неутрализира чувството на неказнивост – се вели во јавната реакција на Коалицијата.

Беззаконие пред очите на надлежните

Во судницата ќе се појави сопственикот на кабарето „Пулс“ Дејан Јованов – Деко, неговиот син и неговиот брат, кои 12 години ја воделе дискотеката што секој викенд собирала млади луѓе од Кочани, иако објектот не ги исполнувал ниту минималните услови што ги предвидува законот. Неколкупати бил реконструиран, но со материјали и сунѓери што брзо горат, а сето тоа со „амин“ од проектантска фирма, без ниту еднаш да биде проверено од градежен или пазарен инспектор. Беззаконието се случувало и пред очите на тројца поранешни градоначалници на Кочани, згора и со фалсификувана лиценца од Министерството за економија. Покана за судењето е испратена и до сопственикот на агенцијата „Рубикон“, која го обезбедувала „Пулс“ за кого Обвинителството поднесе обвинение подоцна. Судот треба да одлучи дали ќе го спои обвинението против него со главниот предмет.

Што се случувало во кобната вечер, кој ги донел пиротехничките средства во објектот, со чија дозвола, кој дозволил да влезат внатре повеќе од 600 луѓе во објект предвиден за двојно помалку луѓе, меѓу кои и малолетници и кој сè останал нем на овие неправилности, блиските, но и целата јавност ќе слушнат кога обвинителите ќе го читаат обвинението од повеќе од 160 страници. Зад обвинението стојат 15 обвинители, кои подготвија 1.000 докази и предложија речиси 300 сведоци. Сопствениците, управителите на дискотеката, оние што ја донеле и запалиле пиротехниката, сите поранешни функционери, министри, директори, инспектори што не постапувале се товарат за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“.

Ова ќе биде една од најтешките задачи на обвинителите – да докажат дека некој министер или директор кој бил на функцијата пред десетина години, е директно одговорен за смртта на жртвите во пожарот. Всушност, ќе биде тешко да се докаже јасна и предвидлива причинско-последичната врска меѓу дејството и последицата, или конкретно кажано, на пример, колку поранешниот министер за економија Крешник Бектеши има реална вина за трагедијата. Коалицијата „Сите за правично судење“ направи паралела со барање одговорност при сообраќајна несреќа, односно колку некој службеник што зел поткуп за технички преглед на возило или за издавање возачка дозвола во случаи кога не се исполнети условите, е виновен за секоја сообраќајна несреќа, па и за таа во која има жртва.

Корупцијата не доби соодветно место во обвинението

Иако суштината на оваа трагедија е корупцијата, тоа на секој марш го повторуваат и блиските за загинатите, во целото обвинение, службеникот од Министерството за економија е единствениот што се гони за коруптивно дело, односно покрај за тешки дела против општата сигурност, е обвинет и дека фалсификувал службена исправа и дека примил поткуп.

Петмина од новоосомничените полицајци биле во пензија

Дека системот не функционира, кажа и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој набргу по трагедијата изјави дека криминалот и корупцијата ги убија нашите деца.

– Денеска констатиравме дека системот во Македонија е корумпиран на тоа ниво што слободно можеме да кажеме дека имаме катастрофална состојба. Корупцијата и криминалот нè доведуваат до фаза да ги губиме животите на нашите деца. Или одлучно и системски ќе смениме нешто во оваа држава или ќе ја немаме – рече тој непосредно по трагедијата.

Иако Тошковски рече дека „каде и копнеш е гнило“, Обвинителството не поднесе обвиненија за корупција, и покрај фалсификуваните дозволи, несовесно вршење на службата и злоупотреба на службената положба. Дури и да се поднесеа обвиненија за коруптивни дела, со оглед на сложеноста на постапката, според актуелниот Кривичен законик, делата најверојатно ќе им застареа во текот на постапката. Ова откако во 2023 година, СДСМ и ДУИ со, како што се обвинуваше тогаш, со кворум обезбеден и од ВМРО-ДПМНЕ, беше сменет членот 353 од Кривичниот законик, со кој беа намалени казните за коруптивни дела, со што се скуси и времетраењето на судските постапки за вакви дела. Со оглед на „ефикасноста“ на нашето судство, преоптоварено со финансиски проблеми, дефицит на стручен и административен кадар и политички влијанија, тоа со други зборови значи и неказнивост за подмитувачите и подмитените.

Новите осомничени функционери ќе се гонат со стари „поблаги“ санкции

Истрагата за Кочани ја следат сомнежи и обвинувања поради тоа што покрај сопствениците и управителите на дискотеката, меѓу првите осомничени за трагедијата беа функционери од поранешната власт – поранешниот министер за економија Крешник Бектеши од ДУИ, политичкиот непријател на ВМРО-ДПМНЕ, како и поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски од СДСМ. Тие беа апсени и спроведени во судот пред ТВ-камерите, иако по завршувањето на истрагата, Трајковски беше ослободен, бидејќи немале докази против него.
Реториката на власта беше „и брат да ми е ќе одговара“, но меѓу оние што сега се на обвинителна клупа, актуелни уапсени функционери се само вицепремиерот без ресор Шабан Салиу (како еден од поранешните директори на Дирекцијата за заштита и спасување), градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов, кој го водеше градот кога се случи трагедијата. Од редовите на ВМРО-ДПМНЕ е и претходникот на Папазов на чело на градот – Ратко Димитровски. Ќе му се суди и на тогаш актуелниот директор на ДЗС, Џеват Селами, а последен беше уапсен вистинскиот сопственик на агенцијата „Рубикон“ Александар Нацев, кој беше член на Комисијата за одбрана и безбедност на ВМРО-ДПМНЕ, токму откако Мицкоски стана претседател на партијата.

Државниот обвинител Љупчо Коцевски, за кого пред трагедијата имаше почнато постапка за негово разрешување, „го спаси“ несреќата: обвинението се работеше додека „на глава му висеа“ заканите за негово разрешување, кои потоа преминаа во пофалби.

Министерот Тошковски не поднесе оставка

Родителите имаа една јавна средба со министерот за внатрешни работи, а иако го повикуваа, Мицкоски ниту еднаш не застана рамо до рамо со нив на протестите. Единствено пред изборите беше на гробиштата во Кочани да запали свеќа на гробовите на загинатите во пожарот.
Најголемиот гнев, блиските го истурија врз полицијата, а обвинението што треба да го поднесе Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, што треба да биде поднесено во декември, треба да ги даде одговорите на прашањата за акциската контрола што ја имала вечерта полицијата, а овој случај му остана сенка на Тошковски, кој не се одважи да даде оставка со образложение дека таткото на еден од полицајците го молел да не го стори тоа.

– Полицијата предвреме ја најави рацијата, и полицајците цел час имаа чекано надвор за да ги скријат малолетниците и да ја продаваат со соучесниците на монструмот дрогата. И кога влегле, тие знаат дека било доцна. Рацијата не се прави најавено. „Марицата“ кружела околу „Пулс“ од 12:30 часот. Јавна тајна е дека дел од полицајците, инспекторите, имале бенефит од тоа. Ама зошто, зошто нашите деца да платат? Тоа е болката. Сите овие деца се од чесни семејства, родителите чесно ги заработувале своите пари. Зошто баш ние, не сме соучесници. Ние не сакаме мито, не сакаме корупција – рече една од мајките по несреќата.

Тие не се откажуваат од барањето правда. На последниот „Марш на ангелите“ што во саботата се одржа во Скопје, им порачаа на институциите: „63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда!“.

Новите осомничени функционери ќе се гонат со стари „поблаги“ санкции

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот