ФОТО+ВИДЕО | Почнува судењето за пожарот во „Пулс“
По осум месеци од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска започнува судењето за пожарот што се случи на 16 март годинава и во кој загинаа 63 луѓе, меѓу кои и деца, а околу 200 беа повредени. Родители и блиски на загинатите во кочанската трагедија уште рано утрово се пред судницата во најголемиот затвор во Идризово, чекаат да почне едно од најголемите судења.
Препорачано
Со неколку полициски комбиња беа донесени дел од обвинетите, неколкумина кои се во притвор. Меѓу оние кои се во притвор е сопственикот на дискотеката Дејан Јованов – Деко и неговиот брат. Пред најголемата судница има огромен број полицајци и полициски возила и се чека да почне судењето. Првото рочиште е закажано за 9:30 часот.

Обвинителниот акт беше поднесен на 13 јуни, а Кривичниот суд го одобри на 3 октомври. Случајот опфаќа 38 обвинети – 35 физички и три правни лица кои се товарат за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив има сопственици на локали, управители, инспектори, поранешни градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници.

Според истрагата, трагедијата е резултат на долгогодишни пропусти и свесно игнорирање на безбедносните процедури од повеќе институции и поединци. Објектот „Пулс“ работел незаконски од 2012 година, без минимално-технички услови и со реконструкции без дозволи. Обвинетите се товарат дека не спровеле инспекциски надзор, издавале лиценци спротивно на закон, дозволувале влез на малолетници и преполнетост на капацитетот, а на критичната вечер биле употребени пиротехнички средства без дозвола, што директно довело до пожарот.

Во меѓувреме, родителите и блиските на жртвите, организираа „Марш на ангелите“ кој започна веднаш по трагедијата како меморијален и протестен чин. Од тогаш, маршевите се одржуваа редовно – секоја сабота во Кочани, а неколку пати и во Скопје пред институциите, со пораки за правда и одговорност. Последниот голем собир беше на 15 ноември во Скопје, непосредно пред почетокот на судењето, со учество на илјадници граѓани кои побараа правда, транспарентност и целосно расчистување на случајот.

На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.




