Манолева: Заминувањето на Леонид во Виена беше по лично барање на родителите

Фото: Министерство за здравство

Заменик министерката за здравство, Маја Манолева тврди дека родителите на младиот Леонид Индов, кој минатото лето доживеа тешка несреќа на летување во Грција, воопшто немаат побарано никакво мислење од соодветна институција за можноста или неможноста за завршување на лекувањето, односно за рехабилитација на тоа дете во нашите установи.

-Прво да се изоди тој пат и дури потоа да кажеме, да ја прегледаме целата медицинска документација, да го видиме клинички пациентот и дури потоа стручниот колегиум на соодветните клиники да даде свое мислење и да каже дали има или нема можност за продолжување на лекувањето или на рехабилитација во нашите институции – изјави Манолева одговарајќи на новинарско прашање дали детално е запознаена со случајот со пациентот Леонид Индов, кој на 6 февруари замина во Виена за да добие третман со кој ќе може да се ослободи од респиратор и да може да почне самостојно да дише.

Таткото на Леонид за „Слободен печат“: Одговорните од ФЗОМ одбија да покријат 140 илјади евра за лекувањето на син ми, зашто можел да се лекува во Македонија, а не кажуваат каде!

Прашана дали ќе има законски измени за тоа како ќе се постапува во иднина со вакви случаи, таа кажа дека како Министерство треба да постапат на иницијатива на пратеници и на граѓани, но посочи дека во земјава има здравствен систем којшто во последниве години во однос на апаратурата е напреднат.

ФОТО | Со хеликоптер на МВР пренесен пациент на лекување во Виена

– Треба да се испочитува здравствениот систем што го имаме, сите можности тука да се исцрпат па дури потоа нашите пациенти да бидат упатувани на лекување во странство. Секако, треба да се разгледа и оваа опција и да се предложи до Собранието некаква измена, односно откако ќе бидат исцрпени можностите во државава за лекување, пациентите да бидат упатени за лекување во странство и за рехабилитација и надвор од земјава, рече Манолева.

На новинарско прашање дали имала комуникација со Владата и со директорите за испраќањето на Леонид со хеликоптер во Виена, рече дека неговото заминување било на индивидуално барање на родителот упатено до ЦУК, којшто информацијата ја има споделено до МВР, а МВР, заради потпишаниот меморандум за соработка со Министерството за здравство овозможило хеликоптерски транспорт на тежок пациент од Скопје до Виена.

Во однос на тоа зошто тогаш не посочила за можноста за рехабилитација во земјава, рече дека уште пред неколку месеци имала средба со родителите на пациентот, на којашто им образложила, како специјалист од областа, каков треба да биде патот на детето.

-Не е точно дека не сме се заинтересирале, дека не сме овозможиле ништо досега. Одлуката беше нивна. Не можете да влијаете на ничија одлука да го бара она што смета дека е најдобро за некого. Апсолутно ги поддржувам и се уште стојам на располагање на родителите за секаква помош што би можела да ја укажам и лично како лекар и како заменик-министер, но и како специјалист по физикална медицина и рехабилитација, рече Манолева.

Леонид е пресреќен што ја има поддршката од јавноста во битката за неговото здравје

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот