Манчевски: Секој граѓанин ќе добие eдинствен електронски број

фото: Слободен печат

Mинистерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски, денеска го претстави Централниот регистар на население. Според него, податоците ќе бидат користени од надлежните институции за потребите при давање на услуги.

Како што потенцираше Манчевски, овој регистар ќе биде помошна алатка при спроведување на попис и при пречистување на Избирачкиот список.

– МИОА денес го пушта во употреба Централниот регистар на население. На проектот се работеше посветено и подолг период, а ефектите ќе бидат видливи и од корист на граѓаните. Тој овозможува собирање на податоците за физички лица и нивно користење од страна на институциите за потребите на нивните управни постапки – рече Министерот.

При промена на личен податок во една институција, промената ќе биде извршена во сите институции поврзани на системот на Регистарот. Граѓаните ќе можат да направат увид на своите податоци или на своите малолетни деца. При евентуални грешки МИОА нема да може да ги промени, но ќе ги насочува граѓаните каде ќе можат да го сторат тоа.

фото: Слободен печат

– Регистерот им овозможува на институциите кои работат со податоците на граѓаните да ги најдат најновите и најпрецизни податоци за граѓаните без потреба од рачно оддржување или ажурирање. Тоа значи дека тој содржи унифицирани податоци, верифицирани, стандардизирани и валидизирани. Со Регистерот граѓаните конечно нема да се соочуваат со проблемот на различни податоци во различни институции и бази на податоци – истакна Манчевски.

Министерот Манчевски вели дека ажурирањето и размената на податоците ќе се врши согласно Законот за заштита на лични податоци.

Поради тоа што не смее да се размени eдинствениот матичен број, МИОА ќе воведе eдинствен електронски број за секој граѓанин, која ќе помогне во комуникацијата меѓу институциите. Тој број ќе се добива преку алгоритам кој по случаен пат ќе го додели. Манчевски вели дека граѓаните нема да имаат потреба да го знаат тој број, бидејќи негова функција ќе биде институциите да имаат увид за кое лице станува збор.

– Овој проект ќе биде основа за електронскиот идентитет на граѓаните. За таа цел се креира eдинствен електронски број за секој граѓанин. Тој ќе биде клучен кога граѓанинот ќе побара некаква електронска услуга од страна на било која институција. Секој граѓанин има право да ги знае своите податоци кои што се во Централниот регистар на население, како и кои податоци се запишани во истиот. Доколку некоја информација е погрешна граѓанинот ќе добие информација за која институција станува збор, а исто така ќе има увид било која институција ги користела неговите информации и која е причината – вели Министерот.

фото: Слободен печат

Главни извори од каде е креирана базата на податоци на регистарот на население се Министерството за внатрешни работи, Централниот регистар и Управата за водење матична евиденција. Министерот потенцираше дека во истиот се воведени најновите технолошки мерки (софтверски и хардверски), па така граѓаните нема потреба да се грижат дека нивните податоци ќе може да бидат злоупотребени од било кој, како и да се изврши хакерски упад на системот.

Тој исто така потенцираше дека целиот проект е поддржан од Европската унија, а за време на презентацијата приустуваше и претставникот на ЕУ во земјата Френк Јан Маат, кој е задолжен за имплементирање на Регистарот во нашата земја.

фото: Слободен печат

– Во име на ЕУ би сакал да кажам дека сум среќен што бев дел и што можев да придонесам за развој на Централниот регистар на население. Европската унија издвои околу 5 милиони евра за поддршка на овој регистер заедно со претходните проекти. Унијата реши да го поддржи овој проект од две причини, како што министерот веќе рече. Првата е дека регистерот ќе им овозможува електронски услуги на граѓаните за полесно обезбедување на потребните документи. Втората причина е што овој регистар ќе го олесни самиот процес на Пописот, така што дел од податоците ќе се користат од регистерот, а другиот дел ќе се добијат од лицата кои ќе бидат на терен, затоа што веќе подолго време немало Попис во оваа земја. Може да се каже дека Заводот за статистика и МИОА се подготвени за Попис, но за тоа е потребен закон, но тој треба да помине во Собранието, па поради тоа ќе мораме да почекаме – изјави Јан Маат.

Податоците на граѓаните, тврди Манчевски, се заштитени, не може да има злоупотреба од страна на институциите и ќе се ограничи пристапот до одредени податоци како што е матичниот број, наместо кој ќе се користи електронскиот. За системот се користени најновите технологии, и хардверски и софтверски, донесени се потребните закони и применета е Генерната директива за приватни податици.

Регистарот на население ќе содржи податоци и за починати лица за период од 50 години. Сега во него има податоци за вкупно 2.867.829 лица. Од нив, како живи се водат 2.618.391 лице. Активни со престој во државата, меѓу кои и странци, се 2.422.484 лица, а престој во странство пријавиле 180.553 лица. Во регулиран престој, според регистарот, се околу 30.000 странци. Сите овие податоци, како што потенцираат од ресорното Министерство, не треба да се сметаат како замена за попис, односно не се релевантни за таа намена.

Во следниот период треба да биде пуштен во употреба и Националниот портал. Манчевски вели дека е готов, но потребен е тест период.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот