Манчевски на Фејсбук: Се повлекувам од политиката и одам во приватен сектор, благодарност до Заев и Шекеринска

Поранениот министер за информатичко општество и администрација (МИОА), Дамјан Манчевски се повлекува од политиката и се сели во приватниот сектор за повторно, како што наведе во постот на својот Фејсбук налог, да се посвети на неговата професија.

– Дозволете да ве информирам дека донесов одлука да се повлечам од политиката и да се посветам повторно на мојата професија. Причината за тоа е прифаќањето на ангажман во приватниот сектор што е неспоив со било каков политички ангажман. Како резултат на оваа одлука, покрај тоа што се повлеков од сите јавни функции кои ги извршував, поднесов оставка и од функциите потпретседател и член на Централниот одбор на СДСМ, пишува Манчевски на почеток од неговото обемно обраќање на Фејсбук.

Професионално во политиката, вели, тој, „влегов кога беше најтешко, во 2015 година.

– Срушивме режим на мирен начин, земјата е членка на НАТО, отворен ни е патот кон членство во ЕУ, ја вративме слободата и демократијата, платите растат. Не беше лесно. Многу преживеавме заедно. Но, денес Северна Македонија е на вистинскиот пат и следат уште подобри времиња. Одлучувам да ја напуштам политиката кога можеби најмалку се очекуваше. После победа и нов мандат. Сепак, решив да се вратам на професијата и во приватниот сектор. Влегувам во нова борба. Време е за нови предизвици, наведува министерот во претходниот владин кабинет.

Ваквата одлука, истакнува Манчевски, нема никаква врска со било која состојба во политиката. Таа е лична и само негова.

– Имав извонредна понуда за следен политички ангажман, за што неизмерно сум благодарен, но сепак се решив на овој чекор. Оваа одлука во исто време е доста емотивна за мене. Пред се заради моите другарки и другари, со кои се правевме заедно. Како што знае да каже еден од нив, станавме сестри и браќа по крв. Нашата приказна е за холивуско сценарио во неколку продоженија. Но, токму заради нив можеби и ја донесов оваа одлука. Затоа што знам дека Зоран, Радмила, Оливер, Љупчо, Мила, Муки, Коста, Никола, Фатмир, Јовче, Петре, Бајдо, Роберт, Марјан, Дуле, Бојан, Сања, Јагода, Благој и сите други ќе ми обезбедат да имам нормална работа во нормална држава. Дозволете да се заблагодарам на сите со кои работев заедно. Многу се. За се она што го жртвуваа и дадоа, пишува Манчевски.

Тој упатува благодарност и до семејство за се што издржа и, како што вели, претрпи во изминатиот период.

– Да не беа тие, немаше да ме биде ни мене. Посебно сакам да се заблагодарам на претставниците на граѓанскиот сектор, на медиумите, на меѓународната заедница, на синдикатите и на стопанските комори, за тоа што беа партнери во борбата за демократија и подобри услови за живот, истакна поранешниот шеф на МИОА.

Но, сепак, особено се заблагодари на двајца луѓе.

– Првиот е Зоран Заев. Тој не е човек, тој е човечиште. Да му се заблагодарам за храброста, вербата и посветеноста. Да му се заблагодарам за жртвата, да му се заблагодарам што бев дел од историјата што ја создадовме. За довербата што секојдневно ми ја дава, уште од кога ме покани да му бидам шеф на кабинетот во партијата во 2008 година. Но, најмногу од се за неизмерното другарство. Втората е Радмила Шекеринска Јанковска. Уште кога имав 18 години, ме воведе и ми даде шанса во политиката. Цело време, а и ден денес, ми е пример за принципиелност и работливост. Пример за борец, кој не се предава и никогаш не ги става личните интереси во прв план. Ова не е збогум. Останувам со Вас. Останувам во државата, да ја споделувам судбината и борбата за подобар живот со сите наши граѓанки и граѓани. Драги мои, се гледаме во друга прилика“, пишува во Фејсбук постот на Манчевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот