МАМАВИЗИЈА | Верица Донев: Останав без еден јајник, станав мајка на 24 години, Карло се роди 1780 грама
Во оваа епизода на „Мамавизија“ ја имаме најмладата мајка досега во нашата емисија. Познатата ТВ-водителка Верица Донев Божиносвки е една храбра млада жена, која преку нејзината приказна потсетува колку се важни редовните контроли и гинеколошките прегледи кај секоја жена, без разлика дали е во помлади години. За првпат јавно проговори за тоа што ѝ се случило и низ какви болнички лавиринти поминала на само 20 години кога поради гинеколошки компликации стравувала дали воопшто ќе може да забремени, а тоа било најголемиот страв за неа.
Препорачано
-Тоа се случуваше во време на короната. Чувствував болки и надуеност во стомакот, нешто непријатно што траеше. Мајка ми се шегуваше со мене да не сум трудна, но тогаш не беше тоа реално бидејќи немав партнер. Кога одлучивме да појдеме на лекар, прво на државно, ми кажаа дека не е ништо сериозно, забележаа некаква цистична формација и ми закажаа рутинска операција. Но, по операцијата болките продолжија и принудена бев да одам на приватна клиника, таму ми открија дека ми оставиле мртов јајник, што е сериозен проблем за една жена – вели таа.
Оттогаш, како што вели, почнала да стравува дали ќе може да стане мајка.
-Се сеќавам во канцеларијата беа докторот и мајка ми, а кога докторот ми рече: „Дете што ти направиле?“, јас му возвратив: „Најбитно ми е да можам да бидам мајка во животот. Тој ми вели: „Не Верица, најважно е да си жива и здрава“. Јас реков: „Не! Ако нешто тргне како што не треба, јас не сакам да се разбудам“. Искрено, не знам зошто во моментот ми дошло така да кажам, но најверојатно сфатив колку всушност тоа ми значи мене. И мајка ми, нормално секогаш е толку позитивна, ме тешеше дека слушнала дека многу жени и со еден јајник останувале бремени и дека има и пострашни ситуации – раскажува нашата хероина Донев Божиновски.
По интервенцијата добила лекарски совет дека најдобро е што е можно побрзо да забремени.
-Јас тогаш немав партнер, а и не се наоѓа така лесно животен сопатник. Покрај себе сакав некој добар, со кој ќе имаме убав, хармоничен брак, бајковит, весел, можеби затоа што тоа го немав претходно дома – објаснува таа.
Со нејзиниот сопруг Гордан Божиновски се запознале во работна атмосфера на снимање на спот во Египет, каде што Верица се појавува како модел. Веднаш „кликнале“, како што вели со него, уште од почетокот ги направила најдлабоките разговори.
-Бевме во врска само две недели кога на едно работно патување колата ни заглави на Стража. Нè качија на шлеп-служба и јас тогаш ни две ни три, така седнати горе му се свртив и го прашав: Сакаш деца? Можеби го исплашив тогаш, не знам – вели таа.

Во 2024 година во март, Верица и Гордан станале родители на синче. Но овде не завршува бајката, бидејќи дента кога таткото дошол во болницата, си заминале со празни раце.
-Карло се роди многу мало бебе, 1780 грама. Поради тоа мораше да остане десет дена на интензивна нега. Тие десет дена за мене беа пекол во секоја смисла на зборот, плачев и само ги прелистував тие неколку слики што успеав да му ги направам на Карло, психички многу паднав, а дополнително имав големи проблеми со притисокот, морав да мерам на секој половина час, не знаев дека притисокот може да направи толку проблеми. Затоа еден совет од мене до сите мајки, мерете притисок! Тој период се чувствував неспособна и се плашев каква мајка ќе бидам – рече таа.

Погледнете ја новата епизода на „Мамавизија“ на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.
Автор и водител на проектот е Александра Вуксановиќ.
МАМАВИЗИЈА | Кикириткова: Сите си заминуваа од болница со транспортерите со бебе, ние со празни раце
МАМАВИЗИЈА | Стефи ја родив на 20 години, како балерина не сакав промени на телото


