МАМАВИЗИЈА | Русинката од Украина Мелник: Дванаесет години не сум била дома
Забележувам една видилива разлика помеѓу украинската и македонската мајка. Тука луѓето многу доцна се одлучуваат за потомство, сè оди некако бавно во тој поглед, за разлика од Украина. Видете, јас имам другарки кои се веќе баби – низ смеа раскажува таа.
Русинката од Украина Снежана Мелник, уметница која веќе 12 години живее во Македонија, нè почести со своето присуство во „Мамавизија“. Мелник е млада мајка на возрасни деца, 22-годишна ќерка и 20-годишен син. Поради работните обврски на сопругот (Украинец) кога децата им биле мали, се преселиле во Македонија.
Препорачано
Мелник со солзи во очите зборува за тоа колку ѝ е тешко што нејзината мајка, фамилијата и пријателите живееат во земја каде што се води војна. Вели дека понекогаш поради интернетот не може да се слушне со мајка ѝ која многу ѝ недостасува.
– Во нашиот крај ситуацијата не е јасна 12 години и сè тоа стои како фон во твојот живот, како некоја тажна песна што ја слушаш во твојата глава, понекогаш забораваш и се вклучуваш во секојдневието, си бараш да најдеш мали радости што секој човек може да ги забележи… да излезе на сонце, убаво кафе, пријатно друштво, ама тој тажен дел секако постои во душата и ти не можеш за тоа ништо да направиш, освен да се помириш со ситуацијата што животот е таков. Кога ја напуштивме Украина, тоа беше Источна Украина, сега моментално регион Донбас, под руска окупација, може да кажеме. Моите имаат руски пасош, како државјани на руската држава. Со мајка ми, секако, комуницираме два, три, четири пати неделно, се слушаме на телефон, иако во последно време станува многу потешко, зашто снемува Вибер, снемува Ватсап, снемува Телеграм и ти бараш како можеш да одржуваш контакт – вели таа.
Мелник ни сподели потресна вест за тоа дека од нејзиниот брат, кој учествувал во војната, нема ни трага ни глас.
– Иако на вести се вели дека на Русите не им дозволуваат да зборуваат на украински јазик и дека постои конфликт меѓу Руси и Украинци, јас не доживував нешто такво кога живеев во Украина. Брат ми е Русин кој зборува на руски јазик и учествува во војна на страна на украинската војска. Тој е исчезнат пред осум месеци и ние немаме никаков контакт со него и не знаеме каде се наоѓа. Не знаеме дали е убиен или побегнат или некаде во затвор. Нема никакви информации, ни од украинска страна, ни од руска, од независни страни пробавме да го најдеме. И многу е тешко кога не знаеш каде се наоѓа еден од твоите најблиски луѓе. Не посакувам никој од ничија фамилија да учествува во војна. Дај Боже сите војни да завршат и луѓето да се занимаваат со многу поинтересни работи отколку со војна – вели Мелник.
Инаку, Мелник 12 години не била во својот роден крај.

Во емисијата таа раскажува за нејзиниот пат кон мајчинството. Останала бремена многу млада, како што вели, во Украина жените раѓаат на млади години, за разлика од Македонија.
– Забележувам една видилива разлика помеѓу украинската и македонската мајка. Тука луѓето многу доцна се одлучуваат за потомство, сè оди некако бавно во тој поглед, за разлика од Украина. Видете, јас имам другарки кои се веќе баби – низ смеа раскажува таа.
Секоја бременост е различна боја
За нејзините две бремености вели дека биле драстично различни.
– Мислам дека не постои лесна бременост. Јас кога бев бремена со ќерка ми јадев поинаква храна, како таа да ме тераше да јадам риба кавијар… Таа беше уште во стомакот силна, стабилна. Ме тераше да носам бордо боја, боја на цреша. За разлика од неа синот кога го носев беше брз како ветер, и тој од стомакот ме тераше да носам светло жолта боја, боја на песок, сина како небото… – вели уметницата, правејќи во нејзин стил компарација на бременоста како боја.

Мелник сподели со нас како ја пребродиле преселбата од родниот крај во туѓа земја, како како мајка им го објаснила тоа на децата дека одеднаш ќе живеат во друга земја и дали им се допаѓа животот во Македонија. Со Мелник направивме споредба помеѓу украинската и македонската мајка.
Погледнете уште една уникатна приказна за мајчинството на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.
Водител и автор на „Мамавизија“ е Александра Вуксановиќ.


