МАМАВИЗИЈА | Миа ја загубив пред да ја родам, таа бременост заврши со тажен крај, вели Аура Анастасова
Мајка која бебето го носела до деветтиот месец, веќе му дала име, купила нова облека и бебешки реквизити за новороденчето и со нетрпение го очекувала породувањето за да ја сретне ќеркичката, за жал, наместо да се породи, тој ден ги слушнала кобните зборови „Бебето е мртво!“.
Препорачано
Хероината Аура Анастасова, Македонка која долги години живее во Германија, е наша гостинка во „Мамавизија“. Таа денес е мајка на три деца, харизматичната Анастасија и слатките момци Петар и Стефан. Анастасова посака за првпат јавно да ја сподели нејзината несекојдневна приказна за мајчинството, со цел да упати утеха, поткрепа и поддршка за жените кои минуваат низ некаков тежок период, се соочуваат со предизвици или преживуваат некаква трагедија.
Кога била многу млада доживеала абортус, а третата бременост ѝ останува како траен белег во животот.
– Се сеќавам, тоа утро се разбудив со силни болки во стомакот и помислив дека е дојден моментот за породување. Во болницата ме пречека шок, бабицата и сестрата ми соопштија „Бебето е мртво“. Не ми се веруваше што слушам, мислев дека е сон, дека се шегуваат со мене. Ми кажаа дека ќе морам да го родам. За маката да биде поголема, според германските закони моравме да направиме и погреб за Миа, тој ден не се опишува. Миа ќе остане засекогаш во нашите срца и мисли – вели Анастасова.
Најголемата поддршка во надминувањето на тагата ја добила од ќерката Анастасија, која исто така беше со нас во студиото и раскажа како таа се чувствувала во овој тежок период за нивното семејство.
– Јас бев мала, но доволно возрасна за да бидам свесна што се случува. Чекавме бебе дома, а бевме со празни раце. Не можев повеќе да ја гледам мама како се измачува, постојано плаче и еден ден ѝ реков: „Доста е веќе, и мене ми е тешко, ама мора да продолжиме“. Тогаш настапи период кога престанавме да зборуваме за тоа што ни се случи. Ми се чини, тоа ни помогна малку да се смириме и да го надминеме. Ние никогаш нема да ја заборавиме Миа, но мораме да продолжиме да живееме без неа. Среќна сум што сум им дада на Стефан и Петар и многу ги сакам – вели Анастасија.
Погледнете ја најновата епизода на „Мамавизија“ со Александра Вуксановиќ, премиерно вечерва со почеток во 20 часот на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.
МАМАВИЗИЈА | Стефи ја родив на 20 години, како балерина не сакав промени на телото


