Малишиќ: Цената на гасот и на струјата ќе донесе ново поскапување на лебот
Цените на лебните жита од Нова година малку се намалија на светските безри, но растот на цената на струјата и на гасот, постепено ќе доведат до нови поскапувања на лебот и на печивата, смета Горан Малишиќ, претседател на Здружението на мелничко-пекарката индустрија.
Препорачано
– Околу 60 проценти од потребите за брашно се задоволуваат од увоз, а некаде 99 отсто од увозот се прави од Србија. Денес, таму цената на брашното се зголеми за 10 проценти. Тоа не е резултат на нов раст на цените на пченицата, туку е резултат на растот на цената на струја и на гасот. Во моментов кај нас се уште не се прават корекции на цената на лебот и на печивата, но тоа поскапување постепено ќе се прелее и кај нас – изјави Малишиќ за „Слободен печат“.
Тој вели дека во моментов на голем удар во државава се пекарите, токму поради зголемената цена на струјата и на гасот.
– Во пекарската индустрија, четирите најголеми пекари работат на гас. Ако минатат година плаќаа 25 денари за нормален метар кубен гас, сега плаќаат 75 денари. Има пекари чиј годишен трошок лани за гас бил 100.000 евра, ова значи дека годинава ќе им биде 300.000 евра. Ваков раст на цени никој не може да издржи – оценува Малишиќ.
Тој смета дека е неопходно да продолжи помошта на државата за компаниите, со што ќе се помогне и во однос на одржување на цените и во однос на опстанокот на компаниите.


