Макрон сака француската електронска музика да добие статус на светско наследство на УНЕСКО
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека сака француската електронска музика да биде прогласена за светско наследство на УНЕСКО. Придонесот на земјата во електронската музика, честопати нарекуван „француски допир“, вклучува значајни дела од уметници какви што се „Дафт панк“, Жустис, Ер, Касиј, Феникс, Етјен д’ Креси, M83 и Алан Бракс.
Препорачано
УНЕСКО, агенцијата на Обединетите нации, која промовира мир и безбедност преку културата, уметноста и науката, објавува список на нематеријално културно наследство, чија цел е да ги заштити „практиките, претставувањата, изразите, знаењата и вештините што заедниците ги препознаваат како дел од нивното културно наследство“, а во минатото ова признание им се доделувало на музички жанрови како што се јамајканско реге, мексиканско маријачи и кубанска румба.
Берлинското техно беше уште една музичка традиција додадена на листата на УНЕСКО во 2023 година, а во неодамнешното интервју за радио станицата Фреквенс Геј, според „Еуронес“, францускиот претседател предложи да се додаде „француски допир“ на листата.
– И ние ќе го направиме ова – нагласи Емануел Макрон. Ја сакам Германија – знаете колку сум проевропски настроен. Но, не треба да учиме од никого. Ние сме пронаоѓачи на електронската музика. Имаме овој „француски допир“ – рече Макрон.
Некои традиционални француски музички стилови веќе се на списокот на УНЕСКО, вклучувајќи ја и Гвока, гваделупската традиција на песни и танци.
„Дафт панк“ се водечките француски електронски музички уметници. Томас Бангалте и Ги-Мануел ди Хом Кристо го формираа бендот во Париз во 1993 година. Нивната комбинација од хаус, фанк, техно, синт-поп и диско ги направи големи меѓународни ѕвезди, со албуми како „Homework“ (1997) и „Discovery“ (2001), кои се сметаат за класици на денс-музиката.
Тие станаа познати по нивните иконски појавувања во роботски шлемови и ракавици што им даваа мистериозен лик. Нивниот последен албум беше „Random Access Memories“ од 2013 година, во кој се најде и огромниот хит „Get Lucky“. Тие го објавија своето официјално разделување во февруари 2021 година со видео насловено „Epilogue“, во кое едниот од роботите се самоуништува, додека другиот е избркан во пустината.


